Што се крие зад одложувањето на непријатните обврски
Луѓето што постојано ги одложуваат непријатните или здодевните обврски не размислуваат за последиците од своето однесување, а резултатот од тоа е саботирање на сопсвените цели и на квалитетот на животот. „Почнувам од утре или од понеделник“, значи бегање од вложување напор, а причините се многубројни.

Ќе го направам тоа утре, или ќе почнам во понеделник, е често изговарана реченица, која значи, одолговлекување или одложување на непријатните обврски, без посебна објективна причина. Тоа најчесто е избегнување на нешто непријатно, тешко или страшно. И покрај тоа што знаеме дека е најдобро да го сработиме сега, не го правиме тоа.. За некои тоа е хронична состојба и стил на живот.
Зошто ги одложуваме обврските?
Најчести изговори или самозалажувања се:
Имам поважни работи сега, ќе го направам тоа кога ќе бидам порасположен, не мора денеска може и утре, подобро работам под притисок кога е 5 до 12, затоа не мора веднаш да почнам,
Во животот сите имаме пријатни и непријатни обврски и на секого му се случило да одложи нешто за утре, задутре ,за месец, година. Се јавува чувство дека не сме способни нешто да завршиме, а избегнување на старите обврски се продлабочува во избегнување и на новите. Тоа доведува до натрупување на обврските и личноста почнува да не функционира во одредена област. Под „планината“ на пренатрупани обврски доаѓа до парализираност и чувство на потполна немоќ. Ова состојба е наречена синдром на прокрастинација, (од лат. збор pro-напред и crastinus -утрешни, така што означува постојано одложување за утре).
Што е тоа што нѐ тера често да ги одложуваме непријатните обрски?
Постојат повеќе видови прокрастинација, а најпозната е кампањската работа, односно постојано одложување до моментот кога ќе дојде 5 до 12 и личноста стапува во брза акција за да се заврши работата за кратко време. На пример по постојаното одложување на чистење во домот, херојски пристапува на уредување, но, потоа повторно почнува истата приказна на одложување. Тоа е непостоење на работни навики, а се стекнува во детството кога детето треба да се воспитува после играњето да си ги собере играчките иако тоа му е непријатна обврска. Но ако се инсистира, ќе стекне навика. Тогаш обвската не е толку непријатна. Исто е и со хигиенските навики, со учењето, со вежбањето и така натаму. Оние што го научиле тоа во детството, имаат мото „Што можеш денеска, не оставај го за утре“. Обврските се извршуваат секој ден и не дозволуваат да им се натрупаат.
Возрасните што ја испуштиле оваа важна лекција во детството треба да го тренираат своето „внатрешно дете“ за да не ги доживуваат обврските како проблем. Психолозите симболично го нарекуваат- „Полесно е да се проголта една жаба, отколку да се изеде слон“
За да не дојде до тоа најдобро е да се прави дневен список на обвски коишто треба да ги завршиме, за да ни биде полесно функционирањето, а времето правилно искористено. Често пати поради мрзливост сами си наоѓаме оправдување, зашто така сме помалку виновни што не ги извршуваме обврските.
Истражувањата покажуваат дека 95% од луѓето не почнуваат веднаш да ги извршуваат обврските туку малку чекаат, од нив меѓу 15 и 20% постојано ги одложуваат своите обврски. Оваа појава е позната од дамнина, но, дури пред една деценија е призната во психологијата како патолошка состојба
Овој образец на однесување, постојано одложување е причина за многу тешкотии и незадоволства а последиците се одразуваат на квалитетот на севкупниот живот.
Хроничната прокрастинација може да биде знак на психичко и физиолошко пореметување. Според зборовите на психолозите со постојаното одложување секогаш е поврзана намалената самодоверба, аверзија кон обврските, импулсивност, осетливост на изместување од конфорот и намалена мотивација.
Прокрастинацијата не е страшна ако се случи понекогаш, но ако постојано се одложува се и сешто тогаш е проблем.
Во кои области од животот најчесто ви се случува одложување на обврските?
-Во грижата за себе( лична хигиена, здравје, финансии, условите на живеење)
-Сопствениот развој ( развој на личните интереси, напредувањето во работа, стекнувањето нови квалификации и проширувањето на знаење)
-Почитување на обрските кон другите.
Хроничното одложување може да биде поврзано и со депресија и анксиозност, со негативно самовреднување.
Потребно е време да се променат навиките и тоа со мали чекори за да не се откажете поради „преголем залак“
Најпрво треба д се признае и да се прифати овој факт иако не ви се допаѓа. Потоа свесност дека одложувате, па промена на однесување насочено кон целта-желба да се сработи задачата која ја одложувате. Потребна е посветеност- да се издржат краткотрајни непријатности заради долгорочна корист. Неопходна е упорност во придржување на нови стратегии за решавање на проблемот. избегнувајте самозалажување и оправдување.
За да се надмине најважно е да се соочиме со сопствените особини и причини за одложување. Одредете си рокови до кога мора да ги завршите своите обврски, но реален рок, а не таков што ќе ви прави стрес. Групирајте ги според важноста, фукусирајте се на приоритетите кои не трпат одложување и каде што последиците ќе бидат поголеми,
Бидете во друштво на вредни луѓе што ќе ве подржуваат и поттикнуваат, а нема да ви го одземат времето. Секојдневно едно по едно завршувајте со охрабрување , јас можам, јас сакам, јас ќе истраам. Наградувајте се со нешто пријатно ако ја завршите задачата. Потесете се -сега правам нешто што не го сакам, за долгорочно да уживам во тоа што го сакам. Сметајте дека ќе има препреки, ама со оптимизам ќе ги совладате.
Соња Стојановска
