Лејен: „АстраЗенека“ да ги испочитува договорите со ЕУ
ЕУ сака построго да го ограничи извозот на вакцините. „АстраЗенека“ мора да го испочитува договорот што го има со земјите- членки, пред да почне повторно да извезува вакцини, изјави шефицата на Европската комисија Фон Дер Лајен по состанокот на Европскиот совет …

Лидерите на Европската унија расправаа за дистрибуција на вакцините против Ковид-19, во обид да ја зголемат имунизацијата во услови на недостиг на дози, раст на нови случаи на зарази и судир со Велика Британија.
Претседателката на Европската комисија, Урсула Фон Дер Лејен, рече дека „АстраЗенека“ повеќе не може да извезува вакцини против Ковид-19 од Европа во други региони сè додека не ги исполни своите договори со Европската унија.
„Мислам дека на АстраЗенека ѝ е јасно дека мора да го испочитува договорот што го има со земјите-членки пред да почне повторно да извезува вакцини. Она што го сакаме е, пред сè, транспарентност и создадовме транспарентност на извозот со што можеме да се гордееме. Европската унија е еден од најотворените региони кога станува збор за вакцините и фармацевтските производи. Третиот елемент за кој разговараме со компаниите е тие да ја одржуваат пропорционалноста и реципроцитетот како принцип“, изјави претседателката на ЕК, Урсула Фон Дер Лејен.
Лејен нагласи дека обврска на ЕУ е да им покаже на своите граѓани дека и тие ќе го добијат својот дел во дистрибуцијата на вакцините. Истакна дека ЕУ дозволила извоз во вкупна вредност од 77 милиони дози вакцини, доказ дека блокот не треба да биде обвинет за национализам на вакцините. ЕУ воведе построги контроли во извозот на вакцините.
„Со нетрпение го очекуваме вториот квартал. Ги имаме Бионтек и Модерна кои испорачуваат сигурно и според распоредот и договорот. Очекуваме дека ќе ги зголемат испораките како што е договорено во вториот квартал дополнително. АстраЗенека се обврза на помал број дози отколку што беше договорено. Астразенека се обврза на седумнаесет милиони дози наместо договорените сто осумдесет милиони дози. Ако погледнеме во вториот квартал, на добар пат сме да ја постигнеме нашата цел. Дека ова лето сакаме да имаме 70 проценти од возрасната популација во вакцината на Европската унија“, изјави Лејен.
Во меѓувреме, Британскиот парламент ги продолжи вонредните мерки поради коронавирусот за уште шест месеци, за да ѝ овозможи на конзервативната влада да ги задржи широките овластувања за ограничување на секојдневните активности.
Марина Ристова
