12 денови во неизвесност за „изгубениот Боинг“

19.03.2014 17:02

Трагедијата на исчезнатиот малезиски авион уште еднаш шокира преку објективите на камерите.

Роднини на патниците во напад на очај и бес по 12 денови неизвесност беа извлечени од салата со новинари на пекиншкиот аеродром.

„Не знаеме до кога ќе чекаме. Поминаа 12 дена. Син ми... не знам каде е син ми... веќе 12 дена. Зошто не ни кажете нешто...Убаво се грижеа за нас, но не ни треба тоа. Ни треба вистината! Нека ни кажат каде е авионот, не мора некој да трча по нас секој ден....“ се дел од изјавите на роднините на патниците од авионот.

Роднините се обидоа да зборуваат со новинарите надвор од програмата. Ги обвинија властите дека само држат несуштински пресови. Беше отстранет и кинески новинар, кој протестираше против лошото водење на потрагата. Малезиските власти го испитуваат симулаторот на летање во домот на еден од пилотите - дали бришел податоци за да ги скрие или за да ослободи простор во меморијата.

„Во тек се форензички обиди за враќање на податоците. Патниците, пилотите и екипажот ги сметаме дека не се виновни додека не се докаже спротивното“, изјави Хишамудин Хусеин, министер за транспорт на Малезија

Учесниците во потрагата ги демантираа тврдењата на некои жители на Малдивите дека го виделе Боингот како лета многу ниско во тој дел од Индискиот океан. Екипите на Австралија и Индонезија соопштија дека значително го стесниле просторот на пребарување во јужниот коридор, но областа е се уште преголема за да се добие информација во брзо време.

 

Ивана Салтировска