Охрид

Голем интерес за самовработување со грант

26.03.2021 12:31

Како и што се очекуваше пандемијата придонесе дел од вработените да ги загубат своите работни места. Поради тоа за нив, но и за сите оние кои што бараат работа од големо значење се активните програми и мерки за вработување кои што се одвиваат преку центрите за вработување во земјава. Во Охрид голем е интересот за мерката самовработување со грант, а она што охрабрува е дека најголемиот број од апликантите сакаат да се занимаваат со професии кои што се дефицитарни во градот...

Плочкари, столари, механичари се само дел од професиите кои што се дефицитарни во Охрид, а за кои голем интерес пројавиле невработени лица кои што аплицирале за мерката самовработување со грант. Но не е само тоа, дел од младите охриѓани се заинтересирани да отворат погон за производство на чорапи или ланч барови, угостителски објекти за приготвување на автентична традиционална или пак мексиканска храна, па дури и наргиле кафе. Колку нивните идеи и проекти се добри и исплатливи ќе проценат комисиите, меѓутоа секој од нив очекува да добие шанса и да отвори сопствен бизнис.

„И во услови на пандемија голем е интересот за мерката самовработување со грант, во опрема и репроматеријали во износ од 307.500 денари по лице или 615.000 денари за две лица ако заеднички формираат фирма. Заклучно со 23.3.2021 година аплицираа 69 невработени лица од кои 14 за друштво со ограничена одговорност“, изјави Пецо Павлоски, раководител на Центар за вработување во Охрид.

Со активните програми и мерки за вработување во Охрид се опфатени 10.279 лица за што се издвоени една и пол милијарда денари.

„Мерката за обука кај познат работодавач е мерка со која се врши обука од 3 месеци, а потоа работодавачот има обврска да вработи 50 посто од обучените лица на определено време од 3 месеци. За време на обуката за лицето кое што се обучува следува месечен надоместок од 9.000 денари“, изјави Пецо Павлоски, раководител на Центар за вработување во Охрид.

Иако бројката на невработени лица за време на пандемијата во Охрид не е драстично зголемена експертите сметаат дека тоа не е вистинската слика. Реалните состојби според нив ќе испливаат откако ќе запре државната помош за стопанството и дури тогаш ќе се знае која компанија и на каков начин се справила со економската криза.

 

Сашо Нелоски