Гасификацијата ќе предизвика промени во законот за градба
Гасификацијата на скопскиот регион ќе ја зголеми потрошувачката на природен гас за најмалку 100-тина милиони нормални кубни метри годишно. Градежните компании во стопанската комора укажуваат на потребата од менување на регулативата за градење, а инвеститорите би добиле обврска во зградите да изградат и гасна мрежа...
Гасификацијата на метрополата неминовно ќе предизвика менување на регулативата за просторно планирање и на Законот за градење. Досега инвеститорите беа задолжени да инсталираат: електрична, грејна, водоводна, канализациска, а некаде и кабелска мрежа.
Во иднина токму тие ќе треба да ја проектираат и да ја изградат гасната инсталација и да ги приклучат колективните станбени згради на секундарната гасоводна мрежа.
„Сега е моментот да бидеме условени да ја направиме секундарната мрежа. Каде гасна станица, како да дојдеме до зградите. Тоа се големи ДУП-ови“, вели Љупчо Борташев од ГП Бортас.
Размислуваме за целосно нов концепт за просторно планирање каде целата постапка ќе оди по електронски пат, најави министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, прифаќајќи ги сугестиите на градежните компании.
„Размислувавме за ова и добро е што ни го потврдувате размислувањето во идните планови да се предвиди пред се примарната мрежа. Има позитивни и негативни аспекти за секундарната бидејќи не е добро на идниот инвеститор да му даваме уште од сега детали каде да биде секундарната од аспект на сопственоста“, рече министерот Јанакиески.
Трошокот за гасификација на новите станбени објекти би бил околу 50 евра за квадрат. Градежниците предлагаат да бидат стимулирани преку намалување на комуналиите за приближно 20%, а најголем ќар би имала државата преку намалување на трошоците за набавка на енергија од увоз.
Свето Николовски
