Екологија

Во лабораторија на УГД ќе се утврдуваат загадувачите на воздухот во Скопје

26.03.2021 13:49

Примероци од загадениот скопски воздух ќе се анализираат во лабраторијата на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, која со помош на шведската Влада е опремена прецизно да ги утврдува изворите на загадување. Проектот „Справување со загадувањето на воздухот во Скопје“ се реализира со помош на УНДП и Министерството за заштита на животната средина...

Лабораторијата на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип е единствена во државата каде прецизно ќе се утврдуваат причините за загадување на воздухот. За почеток примероци од воздухот од Општина Карпош и населбата Лисиче ќе се анализираат овде.

Опремувањето на универзитетската лабораторија за ваков вид испитувања го помогна шведската Влада.

Проектот „Справување со загадувањето на воздухот во Скопје“ е поддржан и од УНДП, со чија помош 160 домакинства во населбата Лисиче ќе добијат субвенции при избор на еколошки енергенс за загревање. Повикот е отворен до петти април.

Дел од стратегијата на министерството за екологија за намалување на аерозагадувањето е промена на енергенсите за затоплување на јавните објекти.

Голем придонес во надминувањето на проблемот со аерозагадувањето се очекува да даде гасификацијата на градовите, а ќе продолжи и субвенционирањето за купување печки на пелети и клима уреди.

 

Славица Величковска