Дипломатија

Османи: Македонија испорача, на ред е ЕУ

26.03.2021 13:56

Вчерашната одлука на Европскиот парламент за напредокот на Македонија во евроинтеграциите, е доказ дека земјата го испорача ветеното, сега на ред е Европската унија, вели шефот на дипломатијата Османи. Остануваме посветени на реформскиот процес и на дијалогот за решение со Бугарија, вели министерот за надворешни...

Северна Македонија испорача, сега на ред е ЕУ да испорача, вели шефот на дипломатијата Османи. Потсети дека Европскиот парламент со последната резолуција бара почеток на преговорите без натамошно одлагање. Планот на МНР е одлуката за почетокот на пристапните преговори да се случи за време на Советот на Европската унија во јуни.

Шефот на дипломатијата на последните средби со претставници на актуелниот и следниот претседавач со унијата, Португалија и Словенија добил поддршка за брзо усвојување на преговарачката рамка од сите 27 земји- членки. Останува сепак и Софија да даде зелено светло. Османи смета дека на неколку дена пред изборите во Бугарија, не е можно да се закаже меѓувладината седница на која треба да се усвои акцискиот план за спроведување на Договорот за добрососедство, како услов за укинување на ветото од страна на источниот сосед.

Шефот на дипломатијата не сакаше да ги коментира изјавите на бугарските европратеници, за како што вели, да не се влошува затегнатата ситуација со Бугарија. Од МНР сметаат дека до заемно решение за кревање на ветото може да дојде само преку враќање на довербата и Договорот за добрососедство од 2017-та година.

 

Ирина Гелевска