Ковид-19

Нема нови рестрикции, нова проценка на состојбата идната недела

26.03.2021 14:19

Нема нови рестриктивни мерки, став на Комисијата за заразни болести. Нова проценка на епидемиолошката состојба идната недела. Останува полицискиот час од 22 до 5 изутрина. Првата пратка од 24 илјади дози на „АстраЗенека“ од Ковакс механизмот, пристигнуваат в недела, објави министерот за здравство Филипче...

Нема нови рестриктивни мерки, заклучок од состанокот на Комисијата за заразни болести. До 6 април на сила останува полицискиот час од 22 до 5 наутро. Рестораните и угостителските објекти продолжуваат да работат до 21 часот. Нова проценка на епидемиолошката состојба идната недела и доколку е потребно, не се исклучува да се предложат нови рестриктивни мерки, велат од министерството за здравство.

А третиот бран не стивнува. Секојдневно расте бројот на новозаразени, a бројот на починати е двоцифрен. Во Ковид центрите низ државата се хоспитализирани 1.537 пациенти позитивни или сoмнителни на Ковид-19.

Има околу 250 слободни кревети. Само во Скопје на инфективните оддели се лекува 621 лице. Бројот на активни случаи надмина 16. 500. Досега битката со вирусот ја загубија 3.574 пациенти.

Првата пратка од 24 илјади дози, од вакцините на „Астразенека“ од Ковакс механизмот, пристигнуваат на 28 март, објави на фејзбук министерот за здравство Филипче. Според најавите, во почетокот на април треба да почне масовната вакцинација на населението. Досега во Македонија се вакцинираа само медицинските лица со 8-те илјади дози на „Фајзер“ добиени како донација од Србија, и 3 илјади дози од руската вакцина „Спутник“.

 

Александра Спировска