„Академија за пиво“ по повод 90 години Прилепска пиварница

19.03.2014 19:16

90 години од кога за прв пат потекоа првите литри пиво во Прилепската пиварница. Од 8.000 хектолитри колку што произведувала во 1924 година, денес се произведуваат 200 илјади хектолитри годишно, а според менаџментот прилепската пиварница покрива околу 38 проценти од македонскиот пазар.

На својот 90-ти роденден Прилепската пиварница за прв пат кај нас најавува отворање на „Академија за пиво“. Целта на оваа Академија ќе биде едукација на конзументите за благодетите на пивото, на неа со свои предавања е планирано учество да земат познати пивски стручњаци не само од Македонија, туку и од Германија, Австрија и други европски земји.

„Ќе се потрудиме да ги образуваме граѓаните за да знае дека пивото не е само пијалок за освежување туку и тоа има уште многу други бенефити по здравјето на луѓето, нормално ако совесно и одговорно се конзумира“, истакна Сашо Самарџиоски, Генерален директор на Прилепска пиварница

За 10 години Пиварницата има вложено околу 30 милиони евра инвестиции. Моментално брои 260 вработени, а само во последниве 4 години нивниот бројот е зголемен за 30 %.

„90 години знаење и искуство и дава големина, и дава значење на фирмата да биде она што е денеска, компанија за респект, компанија со која што може да се гордее цела Македонија. Компанија која може да биде пример за останатите како треба да се работи“, додаде Сашо Самарџиоски, Генерален директор на Прилепска пиварница.

Освен на домашниот пазар пиво извезуваат и во Косово, Албанија и Австралија. А нивните безалкохолни пијалоци, како брендот Газоза, ги има буквално на сите континенти.

Од 8.000 хектолитри пиво на годишно ниво, колку што произведувала пиварницата во 1924 година, денес таа стигнува до бројка од 200.000 хектолитри годишно, и според менаџментот покрива околу 38 проценти од пазарот на пиво во Македонија.

Имаат асортиман по пакувања преку 60 видови на производи, а во иднина најавуваат и влез на нови светски познати брендови.

 

Дарко Штаргоски