Пристигна првата пратка вакцини „АстраЗенека“, имунизацијата почнува во среда
Преку Ковакс механизмот на скопскиот аеродром пристигнаа првите 24 илјади дози вакцина произведени во фабриката на „АстраЗенека“ во Јужна Кореја. Во април се очекуваат уште 76 илјади вакцини од истиот производител, најави министерот Филипче. Од среда ќе почне вакцинацијата на 20 илјади повозрасни и на хронично болните кои ќе бидат повикувани според приоритетите...

Првата пратка вакцини „AстраЗенека“ преку Ковакс механизмот пристигна во земјава, со нив ќе почне вакцинацијата на 20.000 лица кои веќе се пријавени во системот. Ќе бидат повикувани според Националната програма за вакцинацијата.
Масовната имунизација во земјава ќе почне во среда во вакциналните пунктови и во спортската сала „Борис Трајковски“. Први ќе се вакцинираат лицата над 75 години, хронично болните.
Министерот за здравство Филипче рече и дека до крај на април, преку Ковакс има најава за уште 76 илјади вакцини од истиот производител. Ќе пристигнат и други вакцини од Кина.
„Вакцините се рефлексија на солидарост во борба против вирусот. Сѐ додека сите не се вакцинирани нема да бидеме безбедни, дотогаш треба да се придржуваме до мерките“, нагласи Џихан Тавила, претставничка на СЗО во земјава.
Како никогаш досега дипломатска поддршка на земјава на скопскиот аеродром, пратката ја пречекаа странски амбасадори, како и претставници на СЗО, УНИЦЕФ и регионалната канцеларија на ОН. Тие порачаа- нивна цел е вакцината да дојде до сите луѓе, бидејќи никој не е безбеден додека сите не бидат безбедни.
„Сите земји треба да имаат пристап до вакцините против Ковид-19 со цел да се стави крај на пандемијата. Брзото ширење на Ковид-19 ни покажа дека ниту една нација не може да делува сама кога станува збор за глобалните предизвици“, рече американската амбасадорка во земјава, Кејт Мари Брнз.
„Вакцините се бесплатни за државите приматели. Секое петто евро за тоа доаѓа од германија, секое трето евро од ЕУ“, додаде германската амбасадорка Анке Холштајн.
„Велика Британија, како еден од првите донатори во Ковакс, досега oбезбеди 548 милиони фунти за Ковакс и 1,3 милијарди фунти помош за ставање крај на пандемијата со коронавирусот што е можно побрзо“, нагласи Рејчел Галовеј, британска амбасадорка во земјава.
„Сите сме засегнати од оваа пандемија и истата ќе ја победиме само доколку сме обединети и солидарни“, оцени и францускиот амбасадор Сирил Бомгартнер.
„Тимот Европа донираше 2,2 милијарди евра во Ковакс. Вакцините се светло на крајот на тунелот на пандемијата“, рече Никола Бертолини, раководител за соработка во делегацијата на Европската унија.
„Вакцините против Ковид нудат надеж, но како што ќе продолжуваат да бидат достапни, мора да запомниме дека превентивните мерки како што се физичкото растојание, маските, вентилацијата и хигиената на рацете треба да продолжат и по вакцинирањето“, нагласи Патриција ди Џовани, претставник на УНИЦЕФ.
Земјава досега имаше добиено неколку илјади вакцини на „Фајзер“, подарок од Србија, и „Спутник В“. 24-те илјади вакцини коишто пристигнаа во земјава се корејски производ.
Ана Јосифоска- Тодоровска
