Концерт „Божествениот звук на Малер“ во Филхармонија

29.03.2021 10:38

Како солистка ќе настапи сопранистката Милена Арсовска.

Концерт насловен „Боженствениот звук на Малер“ ќе се одржи овој четврток во 19 часот во Филхармонија. Оркестарот на Филхармонија под диригентската палка на маестро Габриел Бебешелеа, овој четврток ќе ја изведе Четвртата симфонија, ремек дело на австрискиот композитор Густав Малер. Како солистка ќе настапи сопранистката Милена Арсовска.

Симфонија е во аранжман на Иан Фарингтон кој ја адаптира за изведба со помал оркестарски состав. Три години по завршувањето на неговата последна симфонија, Густав Малер започнува да работи на своето следно обемно дело. Релативно брзо, за само десетина дена, успева да направи скици, но решава да не продолжи понатаму. По краток период, повторно се навраќа на компонирањето и за само неколку месеци успева да го заврши најсофистицираното и најнеобичното дело кое го напишал дотогаш – Симфонија бр. 4. Постојат повеќе аранжмани на оваа симфонија. Еден од нив е и аранжманот на Иан Фарингтон, пишуван за ансамбл составен од 15 изведувачи. Задржувајќи го карактерот на оригиналното дело и третирајќи го секој изведувач како солист, Фарингтон успева да ги открие и оние помалку скриени аспекти на Симфонија бр. 4, кои слушателот тешко може да ги забележи при изведбата на оригиналното дело.

Сопранот Милена Арсовска е една од најистакнатите македонски вокални уметници од поновата генерација, со успешна меѓународна кариера.