Работнички најблиску до полуфинале

19.03.2014 20:03

Работнички ја продолжи успешната серија од почетокот на пролетната сезона со триумф од 2-0 против Брегалница Штип во првиот дуел од полуфиналето на фудбалскиот Куп на Македонија...

На Филип Втори Арената во Скопје, по Вардар и Пелистер во првенствените натпревари падна и Брегалница која во реваншот ќе брка непријатни 0-2. Дебармаалци со истите единаесет стартери од дербито со црвено-црните,  третата последовна победа ја најавија по само 27 секунди преку Петровиќ кој беше најприсебен по конфузијата во одбраната на гостите и со прецизен удар со глава ја затресе мрежата.

Брзиот гол ја наруши стратегијата на предводникот на Брегалница Али Ѓунеш, па неговиот состав речиси цело полувреме се мачеше да фати ритам против ривалот кој добро поставен имаше полна контрола врз играта и резултатот.

Бројките на семафорот можеа да ги сменат, Маневски, Илијоски и Милушев во корист на домашните, додека гостите се обидоа брзо да возвратат по примениот гол и во финишот на првото полувреме , но непрецизни беа Ступиќ и Маркоски.

Се ќе беше поинаку ако на почетокот на вториот дел Шишков ја искористеше одличната асистенција на Здравков за изедначување.Тоа беше единствената посериозна можност за штипските сини во периодот на офанзивна игра, а пред вториот гол на Работнички.

Игор Ангеловски направи измени и во дефанзивниот и во офанзивниот среден ред и во екот на нападите на гостите , 17-ет  годишниот талентиран резервист и дете на Работнички, Сулејманов стрелаше предцизно за зголемување на водството.

Од таа 72 минута до крајот Брегалница се обидуваше да намали и да дојде до поповолен исход пред реваншот, но резервниот напаѓач денеска Наумов, во последните пет минути пропушти две шанси, најдобрата во последните моменти кога ја погоди пречката.

И вториот полуфинален дуел од  Купот се играше во Скопје. На стадионот во Ѓорче Петров, бранителот на титулата Тетекс ремизираше без голови со Металург и во реваншот на Автокоманда се тргнува од нула.

Пред очите на нашиот селектор Бошко Ѓуровски и двете екипи  беа дефанзивно ориентирани па мрежите мируваа иако во финишот од натпреварот можеше да биде поинаку ако судијата Маркоски од Охрид мислеше како и тетовчани кои бараа пенал по прекршокот врз Филип Петковски.

Реванш натпреварите од  полуфиналето во Купот на Македонија се играат на 16-ти Април.