Продолжуваат земјоделските активности на нивите
Поради студот и снегот изминатата седмица можни се штети кај процветаното коскесто овошје, но според агрометеоролозите сѐ уште е рано да се направат пoпрецизни проценки. Неделава пак, со затоплувањето на времето и доаѓањето на вистинските пролетни денови, земјоделците веќе ќе можат да продолжат со сите активности на отворено и на нивите...

Неповолните агрометеоролошки услови во изминатите денови, со врнежи од снег, формирање на снежна покривка и ниските минимални утрински температури сигурно е дека ќе предизвикаат штети кај овошките, особено кај оние од коскестите видови, освен со мали исклучоци во беровско и делови од Преспа каде што вегетацијата не беше почната и немаше цветање.
Штетите сепак не зависат само од минималните температури. Влијание има и типот на почвата, нејзината вододржливост, изложеноста на теренот, времетраењето на температурите, и нивното повторување, но сепак во овие фази на развој, температури пониски од -2 степени можат да предизвикаат одредени штети, но од колкави обем, засега е рано да се прогнозира.
Во текот оваа недела се очекува стабилно време со карактеристични температури за овој период кои ќе достигнат вредности од 12 до 20 степени, и ќе бидат вистински пролетни, со позитивни утрински вредности, со што земјоделските производители ќе имаат оптимални услови за работа на отворено, како што е подготовката на површините за пролетна сеидба, нега на кутурите, прихрана и третирање со заштитни средства.
Ваквите поволни, временски услови, според агрометеоролозите, ќе донесат и будење на вегетацијата во останатите региони од земјава.
Методија Трајков
