Битолските инфектолози со апел да се почитуваат мерките
Ни тежат и скафандрите и исцрпеноста, но многу повеќе непочитувањето на мерките, кога на Широк сокак среќаваме луѓе без заштита и растојание, велат битолските инфектолози. Ниту зголемениот број заразени и пациенти кои ја изгубија битката со коронавирусот не е доволно предупредување за дел од граѓаните да ја сфатат сериозноста на ситуацијата...

По зголемениот број на новозаразени и хоспитализирани пациенти, а пред сè по порастот на смртни случаи, медицинскиот персонал преку првиот човек на ковид-центарот со досега најсилниот крик на апел: „Ни тежат скафандрите и исцрпеноста, но многу поголема тежина ни создава кога по улиците среќаваме лица со спуштени маски, а групирањето посебно на младите, по најамбиенталната битолска улица е преголемо.“
И досега апелите биле постојани, но овојпат најискусниот битолски инфектолог, која скафандерот го искусила многу поодамна и учествувала во битките со заразните болести што се сметале за најопасни, до последнава пандемија укажува зошто превентивата треба да биде на највисоко ниво.
Пред една година, примариус д-р Ели Димитровска, началник на битолскиот ковид-центар, наместо да започне со пензионерските денови го прифати мотото на медицинскиот персонал-„ Пандемијо што и да си, нема да ти потклекнеме“. Една година живот во два света. Но, кога и физички сме присутни дома со психата сме во ковид-центарот, вели Димитровска.
Апелира и до надлежните да се стимулираат и зголемат специјализациите за инфектолозите. Што се однесува до неа, кога времето би ја вратила четири децении поназад, повторно би тргнала по истиот пат.
Стевче Митревски
