КОВИД-19

Коронавирусот преминал од лилјак на човек преку друго животно

29.03.2021 14:07

Заедничка студија на СЗО и Кина покажува дека новиот коронавирус преминал од лилјак на човек преку друго животно. Во меѓувреме, светот сѐ уште се бори со пандемија. Се заоструваат мерките за справување. ЕУ се фокусира на вакцините. Колективен имунитет очекува до средината на јуни. Ковид пасошите ќе бидат достапни во почетокот на летото...

Заедничката студија на Светската здравствена организација (СЗО) и Кина за потеклото на новиот коронавирус наведува дека пренесувањето на заразата од лилјаци на луѓе преку друго животно е најверојатното сценарио за појавата на пандемијата. Асошиејтед прес објави верзија на очекуваниот извештај добиена од анонимен дипломат. СЗО неколкупати го одложи објавувањето на финалните заклучоци. Кина ги обвини САД за притисок врз тимот. Критичарите, пак, се сомневаат во точноста на извештајот поради ограничениот пристап до локациите и податоците во Вухан.

„Првин беше договорено дека Кина ќе може да стави вето врз лицата на мисијата. СЗО се согласи и дека во повеќето случаи Кина ќе ја води првичната истрага, па ќе ги сподели податоците со меѓународните експерти. А ним не им беше дозволено да извршат своја примарна истрага“, изјави Џејми Меци, член на советодавниот одбор за генетски инженеринг на СЗО.

Додека се чекаат резултатите, ЕУ се фокусира на вакцините за да се постигне колективен имунитет до средината на јули. Првите ковид-потврди за слободно патување се очекува да бидат достапни во наредните два до три месеци.  За оние кои немаат таков документ ќе биде потребен негативен тест. И покрај почнатата имунизација, бројките на заразени и натаму растат. Француските лекари предупредуваат дека болничките капацитети се пред колапс. Загрижени се дека ќе мора да бираат пациенти кои ќе треба да спасени.  Претседателот Емануел Макрон не планира да ја затвори земјата како лани. Франција воведе полициски час и неколку други ограничувања.

„Ако нема дополнителни мерки, на 22 април ќе имаме зголемување на бројот на пациенти до 30% повеќе од првиот бран“, изјави доктор Жак Дуренто.

„Имаме за 50% повеќе приеми на интензивна нега кои се под 50 години. Ќе биде многу тешко да се избира меѓу таа категорија која по дефиниција се млади“, изјави доктор Бенџамин Давидо.

Кинеската компанија „Синофарм“ ќе проверува дали ќе биде потребна и трета доза од вакцините. Според регулаторите и компаниите, мутациите може да ја ослабнат заштитата од сегашните вакцини.

Маја С. Филдишев