Психологија

Асертивност- важноста на добрата и искрена комуникација

29.03.2021 14:14

Комуникацијата која што е искрена и непосредна, го олеснува решавањето на проблемите како и задоволувањето на сопствените потреби, на начин кој истовремено ги почитува потребите на оние што ги сакаме и со оние што живееме. Асертивноста или искрената комуникација е подеднакво важна и во приватниот живот и на работа.

Едноставно кажано, асертивната комуникација е искрена и директна комуникација. Содржи изјави за мислите, чувствата, уверувањата и ставовите. Асертивноста се смета за многу важен збир на вештини кои претпоставуваат почит кон другите, а често е прифатена и во светот на бизнисот. Меѓутоа, многу луѓе не се свесни за важноста на добрата и искрена комуникација и не ја практикуваат дома со членовите на семејството, со партнерот. И за односите во приватниот живот исто така е потребна отворена комуникација, како и способност за решавање на проблемите, без конфликти, без замерки, огорченост, па дури и насилство.

Низ асертивно однесување личноста постигнува:

Способноста да каже НЕ

Способност да бара услуги и поставува барања

Способност за истражување на емоции (пријатни и непријатни)

Способност за започнување, одржување и завршување на комуникацијата

Асертивноста е најефикасен начин за постигнување на своите цели. Еве како изгледа еден однос без асертивност:

1. Пасивно или агресивно избегнување, се оддалечуваме и не зборуваме ништо, а истовремено се чувствуваме изнервирано и се лутиме на другата личност

2. Агресија, која вклучува обвинување, закани, или ситации кои ја засрамуваат спротивната страна

3. Пасивно избегнување, со превземање вина врз себе

Ниедна од овие алтернативи не е корисна ниту за вас, ниту за блиските. Ваквиот начин на однесување не води кон решение. Голема е веројатноста дека проблемот ќе се повторува.

Како да се практикува асретивноста во сите сфери на животот, па и со домашните и што ги спречува луѓето да бидат асертивни?

Еве неколку совети како да се надминат најчестите пречки на патот кон асертивноста, како да ги искажете своите мисли и желби, без грижа дека ќе изгледате себично и агресивно, и без потреба да се грижите како ќе реагира соговорникот.

Многу честа препрека е мешањето на асертивно и агресивно однесување. Често се меша и со себичност, Кога ќе се вежба асертивноста и често ќе се користи, нема да се смета како агресивно однесување и себичност. Може да биде и паралелна со емпатија.

Пречка може да биде прашањето кое си го поставуваме, дали сум себичен ако кажам НЕ?

Тука е чувството на вина ако не одговорите на нечие барање или молба, за нешто што не е во склад со вашите уверувања, или со вашите моментални чувства, дали тоа одговара на вашите потреби или систем на вредности. На пример партнерот сака да излезете со пријателите на забава, а вие сте уморни, не сакате да одите, ама ви е непријатно да одбиете, би сакале, ама друг пат, а не сега. Дали е тоа себично? Правилно би било да застанете и да размислите дали е поважно вашето здравје и грижата за себе или друштвениот живот и желбата на другите? Ако првото е поважно за вас тогаш нема потреба да чувствувате вина ако одбиете нешто што во моментот не ви е приоритетно и важно. Најважно е да бидете добри за себе , за да можете да бидете добри и за другите. Ако се грижите доволно за себе, ќе можете да се грижите и за другите. Јасно треба да се искаже својот став и потребата, но, при тоа да се искаже отвореност и желба за соработка, како и совесност.

Кога не се согласувате со нечии политички или други ставови и гледишта убаво е да се каже дека го почитувате туѓото мислење, но не се согласувате со тоа. и при тоа да го кажете своето мислење. Доколку другата личност не покаже разбирање или асертивност, тоа е веќе знак за тревога. Запрашајте се колку и како треба да комуницирате со такви луѓе.

Друга причина која може да не кочи е прашањето- како да не изгледам агресивно?

Агресивана комуникација е кога нема почитување за соговорникот, тука се прозивките, обвинувањата, навредите, заканите, посрамотувањето со злобни опаски, отфрлување на личноста и физичко насилство. Да се биде асертивен е многу поразлично од тоа да се биде агресивен. Агресивноста има казнувачки тон, да се наведе противникот да погреши, со желба да се биде подобар од другиот, да се покаже моќ или привилегираност. Кога сте асертивни се залагате за себе и за она во што верувате, без потреба да ја намалите вредноста на другите. За да се избегне агресивноста, добро би било да се користат изрази како: „Не сум заинтересиран за тоа“, „моментално сум многу зафатен за да превземам и други обврски“, „сакам да разговараме на оваа тема , но сега не е вистински момент“, Или „не сакам тоа да го направам“, или „не благодарам“, или едноставно „не“ без никаво оправдување. Ова би биле асретивни изјави.

Но се уште ве мачи прашањето како ќе изреагира соговорникот, дали ќе биде бесен? Можеби се грижите да не го изгубите вашиот партнер ако многу се навреди. Или се грижите дека ќе се збуни од ако досега не сте го практикувале ваквиот начин на изразување. Оние што ве знаат ќе се прашуваат дали и зошто сте се промениле, дури дека со вас нешто не е во ред. Партнерите може да одговорат дефанзивно или да се разбеснат. Тешко е кога едниот е асертивен а другиот агресивен и не ги толкува правилно потребите на другиот.

Но, негативната реакција на другиот не е доволна причина да се откажете од асретивност. Тоа си го должите себе си, на својата врска или пријателство или на колегите. За да го намалите ризикот да не бидете правилно сфатени, подгответе ги вашите блиски за промените во вашето однесување. Може да ги користите овие зборови: „Се трудам да бидам асертивен/а, зашто верувам дека така е подобро за двајцата“, „ Учам да бидам директен/а, се надевам дека е подобро така“. Не се воздржувајте да го кажете тоа што сакате и понудете ги своите идеи. Можеби и нема да бидете сфатени, но знајте дека ако постојано отстапувате и се воздржувате нема да можете да ги искористите вашите потенцијали. Потешко е да се жали за нешто што не сме го направиле, отколку за разочарување ако не сме го добиле тоа што го сакаме. Разочарувањето се надминува, но втора шанса за да се искажеме можеби нема да има, или ќе биде уште потешка.

Искрената комуникација е многу посуштинска, отколку лажните слики за себе и за потребата да им удоволите на сите. По повеќе обиди, асертивноста успева, се остваруваат сопствените идеали, без да ги навредиме и понижиме другите.

 

Соња Стојановска