Куманово

Дополнителна настава по физичко за лицата со попреченост

29.03.2021 14:19

Онлајн наставата по физичко и здравствено образование, не ги даде посакуваните резултати кај лицата со посебни образовни потреби. За таа цел наставници од Куманово, самоиницијативно започнаа тримесечен проект, со кој ќе ги опфатат овие ученици и ќе работат со нив со физичко присуство. Интерес за оваа активност веќе изразиле родители на 25 ученици. Вежбањето ќе се одвива во две сали, во мали групи, согласно протоколите за заштита...

Наставници по физичко и здравствено образование од Куманово наредните три месеци ќе го спроведуваат проектот „Физички активности на ученици со посебни образовни потреби“, кој предвидува настава со физичко присуство. Според општинскиот Сојуз на спортови, Сојузот на училишен спорт и Здружението на спортски педагози, актуелната онлајн настава не предвидува дополнителна програма за овие лица.

„Работиме во вонредни услови, но овие ученици никако не треба да бидат исклучени од наставниот процес и решивме да направиме проект во кој ќе бидат вклучени директно учениците со посебни образовни потреби. Да почувствуваат дека и тие се дел од ова општество, не се исклучени и пред се физичкото образование е многу важно, особено за нив“, истакна Александар Јовановиќ, член на Здружение на спортски педагози.

Интерес за дополнителната настава досега изразиле родители на 25 ученици. Вежбањето ќе се одвива во две сали, во мали групи, согласно протоколите за заштита.

„Онлајн настава нема посебна програма и сега излегува дека тие деца не можат да работат по тие часови и програма. Според некои бројки и статистики во Македонија таа бројка се искачува во одредени генерации до 15 проценти. Тука правиме проекти за физичка попреченост, не само за деца со посебни потреби, да ги инволвираме двете категории“, смета Филип Колевски, претседател на Сојуз на спортови на Куманово.

Од Сојузот на спортови од Куманово предлагаат оваа активност да влезе и во годишната програма. Во рамки на проектот веќе се одржа и семинар за наставниците кои што ќе работат со учениците.

 

Елена Георгиевска