Петар Стојанов доби признание за најдобар млад научник

19.03.2014 21:14

Претседателот Ѓорге Иванов го додели признанието за најдобар млад научник на 26-годишниот Петар Стојанов...

Признанието „Најдобар млад научник“ се доделува четврта година по ред, а Петар Стојанов е досега најмалдиот добитник на ова признание.

„Ова признание успешно ја остварува целта-стимулирање на македонската наука, на младите македонски научници до 30 годишна возраст. Како еден од проектите на почетокот на мојот мандат верувам дека наградата ги оправда очекувањата, давајќи охрабрување и поддршка на младата македонска научна мисла“, рече претседателот Иванов.

Овогодинешниот добитник на признанието Стојанов апелираше до сите млади студенти да се насочат кон научно истражување.

„Република Македонија има голем потенцијал во сите научни области, но во потенцијалот треба да се инвестира“, додаде Иванов.

„Би сакал да ја искористам оваа прилика да ги поттикнам нашите млади студенти кои што чувствуваат неизмерна љубов кон знаење, пронаоѓање, иновација и креативност да се насочат кон истражување“, рече добитникот на овогодинешното признание Стојанов.

Тој истакна дека сите млади луѓе треба да ги искористат ресурсите и информациите, да размислуваат слободно и да ги развиваат своите идеи, со што, како што нагласи, би ја претставиле Република Македонија во најсилно и највлијателно светло.