Економија

Туристичките работници бараат земјава да биде ставена на листата безбедни дестинации за патување

29.03.2021 14:35

Угостителите и туристичките работници од Стопанската комора бараат што поскоро земјава да биде ставена на листата безбедни дестинации за патување со меѓународен сертификат и да се исконтактираат тур- операторите да се охрабрат да носат туристи во државава...

Државата треба што побрзо да го имплементира меѓународниот стандард „Патувај безбедно“, доколку сакаме земјава во време на глобалната пандемија да биде видлива како безбедна туристичка дестинација. Здружението за угостителство и туризам при Стопанската комора на Македонија бара ресорот за економија што побрзо да се подготви за издавање на овој печат.

„Да се исконтактираат истите туроператори, да им се кажат условите. Да се охрабрат дека Македонија влегува во процес на сертифицирање и добивање безбедносни сертификати како туристичка дестинација и истите туроператори да ги охрабри со тоа што ќе интервенира во модернизација и олеснување на премиите за субвенции“, изјави Асим Меџедовиќ, заменик- претседател на Здружението на угостителство и туризам при Стопанската комора на Северна Македонија.

Реагираше министерот за економија. Бектеши појасни дека во соработка со стопанските комори и со Амбасадата на Швајцарија ќе се формира комисија што ќе ги утврди критериумите што треба да бидат исполнети за да можат нашите хотели и угостителски објекти да го добијат сертификатот, , патувај безбедно“. Истовремено туристичкиот еснаф бара од државата координираност меѓу институциите за да им се обезбедат на заинтересираните странски туристи навремени информации за условите за патување и престој во земјава.

„Бадијала ние ќе донесеме светски стандард препознаен од туристите, ако на нашата интернет страна www.koronavirus.gov.mk последната вест што е објавена на англиски јазик е од мај 2020-та година. За каков туризам ние ќе зборуваме кога Министерството за здравство не ги објавува протоколите што се прифатени од Министерството за економија, за да знаат туристите како да се однесуваат“, вели Александар Кузманоски, заменик- претседател на Здружението на угостителство и туризам при Стопанската комора на Северна Македонија.

Хотелиерите и угостителите укажуваат дека имаме на располагање само уште два месеца за да се заврши процесот на сетифицирање, што подразбира носење и примена на соодветни хигиено- здравствено- безсбедносни протоколи врз основа на што ќе се добиваат печатите „патувај безбедно“. Досега овој стандард успешно е воведен од: Хрватска, Црна гора, Бугарија, Англија, САД, Австрија, БиХ.

 

Свето Николовски