Политика

Успешна лидерска средба, пописот одложен за септември

29.03.2021 17:59

Успешна лидерска средба во Клубот на пратеници меѓу претседателите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ, Заев и Мицкоски. Падна договор, поради пандемијата ќе се одложи пописот за септември. Дотогаш, дијаспората продолжува да се евидентира. Ќе се одложат и локалните избори за втората половина на октомври, ќе се одблокира Собранието. Заев и Мицкоски разговараа и за вакцинацијата, како и за подобрувањето на Изборниот законик...

Она за што Заев и Мицкоски не можеа да се договорат со месеци го решија на тет- а- тет средба за три часа. Пописот се одложува за септември, а локалните избори ќе се одржат во втората половина на октомври. Целта е имунизација на населението и заштита на здравјето, истакнаа лидерите на двете најголеми македонски партии. Веднаш на седница влегуваат измените на Изборниот законик за апаратите за отпечаток од прст. Договорено е да се направат измени и во делот земјава да е една изборна единица, да има отворени листи за советници, а градоначалник да се бира во првиот круг, ако за него гласале 30 проценти од избирачите.

И Мицкоски задоволен од средбата. ВМРО- ДПМНЕ ќе придонесе кон изградбата на нов клинички, ќе ги поддржи сите закони кои се помош за граѓаните, но и реформските кои се за приближување кон ЕУ. Ќе бидеме конструктивни онолку колку што конструктивна ќе биде власта- нагласи Мицкоски.

Веќе во среда премиерот Заев ќе има средба со координаторите на политичките партии на која ќе се разговара за измените во Изборниот законик, но и за Законот за државјанства на кој инсистираат Алијансата и Алтернатива.

 

Миле Ристески