Фудбал, Лига Европа, осминафинални реванши

Наполи пред тешка задача против Порто

20.03.2014 09:19

Пеколниот амбиент на „Сан Паоло“ би можел да биде пресудниот фактор во полза на Наполи, смета тренерот Рафаел Бенитез пред вечерашниот осминафинален реванш со Порто. Поразот од 1-0 во првиот дуел, на којшто Џексон Мартинез го постигна единствениот гол наметнува обврска, но адут на Наполи е фактот што ги доби сите четири европски средби на домашен терен сезонава.

Пеколниот амбиент на „Сан Паоло“ би можел да биде пресудниот фактор во полза на Наполи, смета тренерот Рафаел Бенитез пред вечерашниот осминафинален реванш со Порто. Поразот од 1-0 во првиот дуел, на којшто Џексон Мартинез го постигна единствениот гол наметнува обврска, но адут на Наполи е фактот што ги доби сите четири европски средби на домашен терен сезонава.

„Покажавме дека сме способни да играме добро и да се истакнеме против големите клубови, особено на Сан Паоло. Бевме одлични и во Лигата на шампионите и против Свонси во претходното коло во Лига Европа. Поддршката од навивачите е најважна и може да биде решавачка“, побара Бенитез амбиент  којшто би им помогнал на неговите фудбалери да ја надминат незгодната негатива.

„Возбудени сме бидејќи наша цел е да продолжиме со напредокот во Европа. Успесите на меѓународна сцена се значајни и ќе помогнат во напредокот на клубот“, го потврди Бенитез својот став дека не трофејот во Лига Европа е цел за којашто најдобрите клубови вреди да се борат.

И Порто како и Наполи, се најде во оваа конкуренција, откако за нив немаше место во нокаут-фазата од шампионската лига. Во критичен период со лоши изданија е и во португалската лига, каде што е далеку од водечката Бенфика. Евентуален успех на меѓународна сцена, макар и во „втората европска лига“би можел да ги зацели раните. Затоа и решителноста на „змејовите“ да ја сочуваат минималната предност.

„Во реваншот влегуваме со позитивен резултат, иако можевме да победиме и со повисока разлика од 1-0. Оптимисти сме дека на теренот ќе дадеме се од себе за да се пласираме во наредната рунда. Тоа ни целта“, изјави привремениот тренер Луис Кастро, кој пред две недели го замени Пауло Фонсека.

Маџо, Зунига и Кабрал се во аут, а сите други играчи, вклучувајќи го и Горан Пандев се во комбинација за настап во дресот на Наполи. Кај Порто, повреден е голманот Хелтон, а поради жолти картони ќе паузира Сандро.

Пред 39 сезони Наполи двапати славеше со по 1-0 во Купот УЕФА, во единствениот европски двомеч на овие два тима порано. Калчо-тимот има четири победи во деветте меча досега со екипи од Португалија. Порто само седумпати триумфирал на 25 средби со ривали од Италија.

Преносот од реваншот Наполи-Порто е на МРТ-1 од 21.05 часот.

 

Другите двојки од оваа фаза во Лига Европа се:

Фиорентина – Јувентус        (1-1)

Бетис – Севиља                    (2-0)

Бенфика – Тотенхем            (3-1)

Плзен – Лион                        (1-4)

Валенсија – Лудогорец        (3-0)

Анжи – АЗ Алкмар                (0-1)

Салцбург – Базел                  (0-0)