Утре почнува вакцинацијата за граѓаните над 75 години, последни подготовки во „Борис Трајковски“
Најавен, па откажан состанокот на Комисијата за заштита од заразни болести. Епидемиолошката состојба ќе се разгледува утре. Во меѓувреме, третиот бран коси. Болничките капацитети за прием на ковид пациенти, за разлика од ноември се зголемени за 50 насто, а зголемена е и потребата од хоспитализација. Утре стартува вакцинацијата со „АстраЗенека“. Први ќе се имунизираат граѓаните над 75 години...

За епидемиолошката состојба и евентуална препорака за воведување нови рестриктивни мерки за заштита од коронавирусот, поради зголемениот број хоспитализирани, Комисијата за заразни болести ќе расправа утре, информираа од Министерството за здравство. Утре почнува и вакцинацијата за граѓаните над 75-годишна возраст. Најголемиот број од нив се пријавиле преку матичните лекари и Мој термин. Подготвени се за имунизацијата.
Во меѓувреме третиот бран коси. Болниците се полнат, здравствените власти уверуваат дека слободни кревети има и дека ниту еден пациент нема да остане незгрижен. Во ковид центрите низ државава од Ковид-19 се лекуваат 1.577 пациенти.
Во салата „Борис Трајковски“ во тек се последните подготовки за имунизација на населението. Лекари и сестри од Здравствен дом ќе ја спроведуваат вакцинацијата, почнувајќи од утре.
Спортската сала „Борис Трајковкси“ ќе биде резервирана за имунизација два ипол месеци. Според надлежните, таа е најбрзо и најприфатливо решение за вакцинација на поголем број луѓе.
Од почетокот на следната недела треба да почне и вакцинацијата на вработени во критичната државна инфраструктура. 4.000 дози ќе бидат издвоени за вработени во МВР, во Армијата, новинари, вработени во обвинителството и судовите, возачите на автобуси во ЈСП, пожаникарите, воспитувачки во градинките и вработените на патарините.
Александра Спировска
