Ковид-19

Притисокот во Куманово сѐ поголем, се бараат волонтери

30.03.2021 15:34

Третиот бран ги исполни речиси сите капацитети за лекување во Општата болница во Куманово. Проблем со сместување засега нема, но притисокот е во дневната амбуланта. Потреба има и за дополнителен медицински персонал, бидејќи оваа установа овозоможува здравствена услуга и за пациентитите од останатите општини од североистокот. Се бараат и волонтери, кои би помогнале при транспорт на боци со кислород...

Третиот бран од коронавирусот, значајно го зголеми приемот на пациенти во кумановската болница. Исполнети се речиси сите капацитети, а бројката на пациенти кои се хоспитализираат, е поголема од оние што се отпуштаат од ковид центрите. Изминативе денови на дневна основа во Куманово се регистирани и по 90 нови случаи.

За разлика од првиот бран овој пат како што информираат надлежните значаен е бројот на лица помлади кои што се заболени од ковид 19. Освен повозрасните овде се хоспитализирани и лица над 20 години.

Според надлежните засега нема проблем со сместување, притистокот  е во дневната амбуланта. Потреба има и за дополнителен медицински персонал, бидејќи во Куманово се лекуваат и граѓаните од останатите општини од североистокот. Од општата болница веќе побарале од Министерството за здравство, да им се стават на располагање специјализанти, општи лекари и специјалисти од соседните општини.

„Вчера до 13 часот во амбулантата на Инфективниот оддел имавме прегледано 110 пациенти, можете да замислите на дневно ниво колку е тоа. Потребен е персонал што ќе ги осплужува тие пациенти, треба адекватно да се грижите, не е исто да имате во еден болнички објект 30 и 40 пациенти и да имаме дваесетина да кажеме, побарав помош доколку се во можност многу би ни значело“, истакна Снежана Захариева, директорка на Општа болница Куманово.

Проблем има и со помошно техничкиот персонал, бидејќи не можат да постигнат за транспорт на боци со кислодор. Од болницата ги повикуваат граѓаните, доколку можат волонтерски да им помогнат, барем неколку часа дневно.

„Болницата нема централен довод на кислород, се уште сме на кислородни боци кои тежат по 40 – 50 литри, така да сите расположливи ресурси ги користиме за да можеме на секој пациент да му дадеме кислород. Често пати се случува два до три пати дневно да мора тие боци да се утоврат и растоварат и да се донесат до секој пациент“, вели Захариева.

Во Куманово согласно последната стастистика бројката на активни случаи е над 770.

 

Елена Георгиевска