Политика

Алијанса и Алтернатива не се согласуваат со одложувањето на пописот

30.03.2021 15:45

Алијанса за Албанците и Алтернатива не се согласуваат со одложувањето на пописот што го договорија лидерите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Села и Гаши најавија дека ќе го искористат Бадентеровиот принцип за да ги блокираат законските измени. Корекциите, владата во собранието, ги испраќа со европско знаменце и предлага усвојување по скратена постапка...

Лидерот на Алијансата за Албанците, Зијадин Села изјави дека коалицијата Алијанса - Алтернатива ќе ги искористи сите правни и демократски средства за да го спречи одложување на пописот на населението, за што се договорија на лидерска средба Заев и Мицкоски. Села во оваа пригода напомена дека Законот за попис се носи со Бадентер и дека оваа коалиција ќе го искористи овој механизам за да спречи одложување на пописот. И лидерот на Алтернатива, Гаши вели дека нема да дозволи пописот да се одложи.

Министерот за правда Бојан Маричиќ, вели дека измените во Законот за попис се од мал обем. Владата го праќа во Собранието со европско знаменце и скратена постапка, како што беше и примарно предложен, со што не очекува можност за блокади.

Измените во законот се сведуваат на датумот за одржување на пописот кој сега треба да се одржи од 5-ти до 30-ти септември, додека дијаспората ќе може да продолжи да се попишува заклучно со завршување на теренскиот дел на пописот до крајот на септември.

 

Игор Панов