Пендаровски: Сликите од Србија се срам за државата, не смеат да се повторат
Заврши седницата на Советот за национална безбедност. Претседателот Стево Пендаровски ѝ се заблагодари на Србија за вакцинирањето на македонски граѓани изминатиот викенд, но рече дека тоа е срам на за нашата држава и такви слики не смеат да се повторат...

Заврши седницата на Советот за национална безбедност. Претседателот Стево Пендаровски ѝ се заблагодари на Србија за вакцинирањето на македонски граѓани изминатиот викенд, но рече дека тоа е срам на за нашата држава и такви слики не смеат да се повторат.
„Гледавме слики од викендов во Србија, такви слики не смеат да се повторат. Благодарност за Србија, но тоа е срам за државата“, рече Пендаровски во своето обраќање по седницата на Советот за безбедност.
Претседателот рече дека министерот за здравство Филипче го информирал дека од утре почнува масовната имунизација на македонското население, а Пендаровски побарал масовната имунизација да трае без прекини до целосно вакцинирање на сите граѓани во земјата.
„Побарав вакцинацијата да оди во најдобар ред и да се одвива до целосна имунизација. Не смее да има прекини. Граѓаните се оправдано незадоволни од тоа што досега го нарпавивме на тој план. Сликите од Србија самите по себе тоа го говорат“, додаде претседателот Пендаровски.
Претседателот на државата апелираше до приватните здравствени установи да се откажат од профитот и да ги направат своите услуги достапни за инфицираните од коронавирусот.
„Сакам да упатам и личен апел и да ги повикам и приватните установи да се откажат од профитот и нивните услуги и да ги направат нивните услуги подостапни за инфицираните од ковид граѓани и да го упатуваат својот медицински персонал во јавните установи доколку има потреба“, рече Пендаровски.
Претседателот нагласи дека државата не смее да дозволи ниту еден граѓанин да не биде примен на болничко лекување. Се заблагодари на здравствените работници и повторно апелираше да се почитуваат мерките.
