Македонија

Бурно по седницата на Советот за безбедност, Пендаровски и Филипче во вербална војна

30.03.2021 19:02

Бурно по седницата на Советот за национална безбедност. Претседателот Пендаровски ѝ се заблагодари на Србија за вакцинирањето на македонски граѓани изминатиот викенд, но рече дека тоа е срам за нашата држава и такви слики не смеат да се повторат. Министерот за здравство Филипче изненаден од изјавата. Одговори – изостана конкретна поддршка од Пендаровски во процесите на набавки на вакцини...

Капацитетите на македонското здравство се оптоварени до максимум, но државата не смее да дозволи ниту еден граѓанин да не биде примен на болничко лекување. Ова го изјави шефот на државата Пендаровски, по седницата на Советот за национална безбедност на која се разговараше за третиот бран од ковид пандемијата. Побара надлежните да ја организираат имунизацијата во најдобар ред, без прекини.

По изјавата на претседателот Пендаровски се огласи министерот за здравство Филипче. „Сликите од Србија не се срам, тоа е одраз на солидарност во услови на криза. Покрај нашите граѓани се вакцинираа и граѓани на соседните земји, но ниеден претседател не рече дека е тоа срам за неговата земја. Владата прави максимални напори да обезбеди вакцини, а вакцинацијата започнува веќе од утре. Претседателот на државата како институција исто така би требало да игра значајна улога во сите овие процеси на набавки. За жал, конкретна поддршка од Пендаровски изостана“- велат од Министерството за здравство.

Од кабинетот на шефот на државата, велат дека претседателот Пендаровски е крајно зачуден што министерот Филипче свесно не го споменува фактот дека првичните контакти со најголемите фармацевтски компании, кон крајот на декември минатата година се направени преку Кабинетот на претседателот и од тогаш до денес претседателот Пендаровски е активно вклучен преку дипломатските канали во процесот за набавка на вакцините, што инаку е примарна надлежност токму на Министерот за здравство.

Пендаровски ги повика сопствениците на приватните болници да се откажат од профитот и ако има потреба да го упатат својот медицински персонал на работа во јавното здравство. Ако процесот на имунизација не тече како што е предвидено, Пендаровски најави дека јавно ќе ги посочи оние кои се однесувале неодговорно.

Анита Димитријевска- Велковска