Расмусен: Земјите- кандидати за НАТО треба да добијат повеќе од ветување за членство
Прогресот што го направија земјите кандидати за членство во НАТО треба соодветно да се признае на самитот во септември. Не е доволно само да ја повториме политиката на отворена врата, изјави Генералниот секретар на НАТО, Андерс Фог Расмусен во Вашингтон...

До крајот на јуни, НАТО треба да реши дали престојниот самит на Алијансата во Кардиф ќе биде самит за проширување. Генералниот секретар на НАТО Андерс Фог Расмусен во Вашингтон истакна дека останува отворената врата за нови членки, но дека кандидатите во септември треба да добијат нешто повеќе од само ветување за членство.
„Мојата позиција е многу јасна. Мислам дека прогресот што го направија земјите кандидати треба соодветно да се признае на самитот. Нема да биде доволно само да се повтори она што го кажавме претходно за нашата политика на отворена врата. Се разбира, она што го видовме од руска страна ќе има влијание на одлуките од самитот како ќе се однесуваме кон политиката на отворена врата. Да не бидам погрешно разбран, мислам дека е клучно да обезбедиме јасна евроатланска перспектива на земјите аспиранти“, вели Андерс Фог Расмусен- Генерален секретар на НАТО.
Украина, Авганистан ќе бидат главни теми на самитот во септември. За членството на Македонија се уште останува пречката од Грција поради спорот со името.
„Веќе во 2008-та, одлучивме на самитот на НАТО во Букурешт дека сме подготвени да дадеме покана за пристапни преговори за членство кога ќе се најде заемно прифатливо решение за спорот со името. Таа одлука се уште стои. Значи кога ќе биде решен спорот со името, ние сме подготвени да почнеме пристапни преговори. За жал, не гледаме никаков прогрес од 2008-та, за што јас навистина жалам“, изјави Расмусен.
Министрите за надворешни работи на НАТО ќе имаат состанок во Брисел на почетокот од април, на кој треба да решат каков ќе биде одговорот на Алијансата кон Русија поради отцепувањето на Крим од Украина.
Генералниот секретар на НАТО побара Русија да ги почитува меѓународните договори, но тој беше првиот којшто изјави дека одлуката на Меѓународниот суд на правдата нема влијание за членството на Македонија.
Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ
