Можно е ЕУ да почне да се снабдува со руската вакцина „Спутник“
Идниот месец тим експерти од Европската агенција за лекови оди во посета на Русија. Вакцината од оваа земја ја очекуваат над 50 држави во светот. Во меѓувреме, Русија ја регистрираше и првата за животни...

Германската канцеларка Ангела Меркел и лидерот на Франција Емануел Макрон одржаа видеоконференција со рускиот претседател Владимир Путин чијашто земја веројатно ќе почне да ја снабдува ЕУ со вакцината „Спутник В“. Идниот месец тим експерти од Европската агенција за лекови оди во посета на Русија. Вакцината од оваа земја ја очекуваат над 50 држави во светот. Во меѓувреме, Русија ја регистрираше и првата за животни.
Блокот има недостиг од дози поради проблемите со доставата и производството со компаниите со кои потпишаа договор. Меѓу нив е и „Бионтек“ која го забрзува производството во Германија.
„Во првата половина од годинава, целта е да создадеме 250 милиони дози во Марбург, но откако ќе се постигне квантитетот, и кога процесот ќе тече, тогаш максималниот капацитет ќе биде и до милијарда дози годишно“, изјави Валеска Скилинг, шеф на производство на „Бионтек“, Марбург.
Трката за вакцини продолжува, а веројатно и истрагата за потеклото на Сарс-Ков-2. 14 држави изразија сомневање во студијата на Светската здравствена организација. И бараат втора фаза на испитувањето. Според сегашните заклучоци, човекот се заразил од животно кое било претходно инфицирано од лилјак. Критичарите велат дека Кина долго време не им дозволувала влез на експертите од СЗО.
„Процесот треба да има втора фаза која треба да ја водат меѓународни и независни експерти. Тие треба да имаат непречен пристап до податоците. Треба да можат да прашуваат луѓе кои се на терен. Таков чекор треба да преземе СЗО“, изјави Џен Саки, портпарол на Белата куќа.
Лидерот на тимот на СЗО тврди дека е ова само првата етапа во истрагата за потеклото на вирусот кој усмрти речиси 2,8 милиони луѓе. Призна дека се соочувале со политички притисок од сите страни, а во одредени делови имале потешкотии да стигнат до информации поради рестрикциите и законите за приватност во Кина.
„Никој не очекуваше дека на крајот на мисијата ќе имаме конечен одговор, и дека ќе ви донесеме животно во рацете за кое ќе кажеме дека е виновникот. Тоа не било ниту намерата ниту очекување“, изјави Питер Бен Ембарек, експерт на СЗО.
Дваесетина земји бараат и нов светски договор за подобра подготвеност во случај на идна пандемија. Системот би им издавал предупредувања на народите за потенцијални зарази, а предвидено е и подобрување на дистрибуцијата на вакцини, личната заштита опрема и размената на информации. За европските велесили, сегашната пандемија е најголемиот предизвик по Втората светска војна.
Маја С. Филдишев
