Зошто сме загрижени и како да се ослободиме од тежината на минатото и стравот од иднината
Животот во денешницава воопшто не е лесен ниту едноставен, кога постојано живееме со причини за страв, загриженост, што ќе биде утре, дали ќе преживеам болест, дали ќе останам без работа, без пари, да не му се случи нешто на моето дете итн. Илјадници мисли се ројат во текот на денот, со некои се будиме и заспиваме, а сето тоа живот го прави ноќна мора. Нема човек без грижи и проблеми, но важна е нашата реакција и како гледаме на нив, дали како пропаст или нова шанса.

Кога ќе се сетиме на некои минати случки, тензии, лош сон, не обзема непријатност. Би сакале да не се враќаме на нив толку често затоа што не вознемируваат, ни ја пореметуваат концентрацијата, ни ја одземаат енергијата, Иднината пак е неизвесност дали се ќе биде како што посакуваме или страв да не погрешиме . Сето ова создава дополнителен стрес во моменталната ситуација.
Зошто не можеме да се ослободиме од постојана загриженост за нешто? Како да не се размислува за минатото и да се прифати неизвесноста или стравот од утре?
Во нас постајт одредени уверувања кои ја поттикнуваат постојаната загриженост и не ни дозволуваат да се опуштиме и да ги погледнеме работите од друга перспектива.
Едноод нив е-ако сум загрижен-нема да доживеам непријатно изненадување. Никој не сака да добие лоши вести, така што повеќето прават се за да го спречат потенцијалното разочарување. За жал не можеме да ги предвидуваме настаните, ниту вознемиреноста. Добро би било тогаш кога ни доаѓаат црни мисли и сценарија да станеме свесни за тоа колку често не обземаат и дали тоа предолго трае.
Многумина мислат дека е побезбедно ако се на штрек, зашто така ќе ги спречат непријатностите кои постојат само во нивната глава, како режиран филм. До степен на суеверие мислат дека со престанувањето на загриженоста ќе и ја отворат вратата на невољата. Загриженоста ја сфаќаат како доказ колку им е нешто важно. Тоа е цврсто уверување дека така се позитивни и одговорни личности. Постои разлика меѓу загрижени кои само кинат нерви и не прават ништо, и такви кои превземаат се да не дојде до негативен исход. Размислете дали само со постојано жалење и оплакување на уште недојдената неволја ќе направите добро за себе и за своите блиски или пак со смиреност и разумно расудување и акција може да промените нешто.
Многу луѓе мислат дека загриженоста повеќе ги мотивира, а во спротивно би биле непродуктивни. Не ретко слушаме „под стрес подобро функционирам“. Повторно прашање- дали човек со расеани мисли , згрчен од страв може да биде попродуктивен од оној кој се концентрира на излезните решенија, а не на проблемот.
И кога сте свесни за својата претерана загриженост за нешто, тешко е да се совладате и да ги промените погледите и начинот на реагирање.
Еве неколку совети кои може да ви користат да се ослободите.
Смирете го својот нервен систем. Ако поминувате деноноќно во загриженост, вашите нерви се постојано напнати, а оваа ментална состојба се пренесува на физичко ниво и доаѓа до болест. Обидете се да го пронајдете својот начин на опуштање, со музика, танцување, вежбање, прошетка во природа итн., за да го смирите умот и при тоа да не чувствувате грижа на совест дека „село гори, баба се чешла“.
Идентифицкувајте ја точната причина за стресот и загриженоста. Понекогаш не сме свесни зошто сме анксиозни и напнати. Со освестување за потсвесниот„црв“ што не јаде, и јасна слика што носи тоа, полесно ќе ја прифатиме неизвесноста која е составен дел од животот. Тие неизвесности не треба да не спречуваат да го живееме животот што го сакаме. И да не биде според желбите, животот тече понатаму, а од нас зависи дали ќе го поминеме во страв и тегоба или со радост и благодарност.
Кога вниманието ќе се сврти на сегашниот момент, тогаш и анксиозноста попушта, Мислите не бегаат постојано во лошите сценарија, туку фокусот е на моменталното дејство, како да го направиме најдобро што можеме. Тогаш и енергијата е повисока, ситните радости од денешниот успех создаваат искри на надеж, верба, самодоверба и оптимизам.
Важно е човек да се соочи со стравовите. Ако не исчезнат, барем ќе им се намали интензитот и подносливоста. Секогаш може да се случи нешто што ќе не спречи да ја оствариме својата цел, но тоа не е причина за да не се обидеме повторно или да помислиме дека во тој момент, тоа било најдобро за нас. Со повторување на позитивни мисли и сценарија во главата, лошите мисли ќе ја изгубат својата силина.
Многупати психолозите препорачуваат релаксирачки вежби, јога, медитација, молитва. Доколку загриженоста стане вистинска опсесија и губите тло под нозете, најдобро е да побарате стручна помош.
Соња Стојановска
