Ковид-19

Почна имунизацијата, на пунктовите раздвижено

31.03.2021 14:55

На постојните пунктови во Здравствените домови почна имунизацијата на граѓаните над 77 години возраст. Освен во Скопје се вакцинира и во: Прилеп, Охрид, Гостивар, Штип, Куманово, Велес, Битола, Струмица и во Кавадарци, а во петок и во уште 24 градови...

Почна долгочекуваната имунизација, овојпат со лицата над 75 години и со вакцината на „АстраЗенека“. На пунктовите за имунизација беше раздвижено. Во земјава први ќе се имунизираат приоритетните според националната програма за вакцинација. Не се плашиме од вакцинирањето, размислуваат дел од анкетираните.

Граѓаните кои сакаат да се вакцинираат термин закажуваат преку „Вакцинација.мк“ или преку матичните лекари. Вакциналните пунктови работат во две смени од 8 до 20 часот од понеделник до петок. „Досега целокупниот процес се одвива добро. Нема некакви проблеми“, изјави Боре Радевски, раководител во поликлиника „Јане Сандански“.

Со „АстраЗенека“ засега нема да се вакцинираат лицата под 60 години. Иако се ретки, сепак се јавуваат тромботични реакции по примање на првата доза од вакцината на „АстраЗенека“, рече министерот Филипче. Станува збор за реакција како резултат на вакцината од „АстраЗенека“ кај помлади луѓе. Имајќи предвид дека еден дел од граѓаните се вакцинираше минатиов период во Србија, засега нема никакви препораки дека нешто превентивно треба да се прави, ако некој ја примил првата доза на „АстраЗенека“. Станува збор за многу ретки случаи. Кај нас има досега регистрирано еден случај на девојка која што има 28 години и таа од вчера се наоѓа на болничко лекување со оваа спорадична појава кој што се поврзува по примање доза на „АстраЗенека“, нагласи Филипче.

На 14-ти мај треба да се отворат границите за македонските граѓани со Грција, рече филипче. За влез кај јужниот сосед ќе биде неопходен негативен ПЦР тест или потврда за вакцинација.

Во април се очекува да пристигнат уште 76.000 вакцини „АстраЗенека“ преку Ковакс механизмот, како и вакцините од Кина.

 

Ана Јосифоска Тодоровска