Куманово

Повозрасните кои примија вакцина со апел, да се следи нивниот пример

31.03.2021 15:38

Да се следи нашиот пример, за што поскоро да се врати животот во нормала, апелираат повозрасните кумановци, кои денеска примија вакцина против ковид 19. Во оваа општината вакцинацијата се спроведува на еден пункт во Здравствениот дом. Термините за 800-те вакцини веќе се исполнети. Од Здружението на матични лекари од Куманово информираат дека има интерес за вакцинација, но термини засега може да се најдат само за лицата кои веќе се пријавиле на веб страницата „Вакцинација.мк“.

„Едвај чекав да примам вакцина, година дена сум опериран“. „Супер се чувствувам нема никаква промена, 15 минути како сум овде“- посочуваат повозрасните кумановци, кои утринава меѓу првите примија вакцина против Ковид- 19. Велат дека воопшто не размислувале дали да се вакцинираат со „АстраЗенека“. Апелираат останатите граѓани да го следат нивниот пример и што поскоро животот да се врати во нормала.

„Сите да дојдат да се вакцинираат ако сакаат колективен имунитет, инаку сами на себе си штетат и на околина“, вели 81- годишниот Стоиле Атанастасовски.

„Едвај чекав да дојде вакцина, да биде лошо не би требало. Јас сум задоволен, превентива“, дополнува 82- годишниот Милутин Димитриевски.

Во Куманово вакцинацијата се спроведува во еден пункт во Здравствениот дом, кој работи во две смени. На дневно ниво ќе се вакцинираат околу 80 пациенти.

„Сите се добри, остануваат по 20-ина минути после вакцината, ги надгледуваме доколку нема ништо и од утринава за среќа и немаше ништо си одат дома“, вели Сузана Атанасовска, лекар во Здравствен дом Куманово.

Од Здружението на матични лекари од Куманово, информираат дека термини засега има само за лицата кои веќе се пријавиле на веб страницата „Вакцинација.мк“. Велат интерес има, но голем број граѓани не се во програмата.

„Од утринава се обидовме на програмата да видиме дали можеме да закажеме термин имавме проблем, бидејќи сите пациенти кои до 23-ти јануари не се пријавиле на страницата на Министерството за здравство ги нема во програмата и не можеме да им направиме термин“, посочи Фатмир Асани, претседател на Здружение на матични лекари Куманово.

Матичните лекари од Куманово информираат и дека голем број пациенти ги откажуваат термините, бидејќи веќе примиле вакцини во Србија. Тие апелираат граѓаните да се консултираат со нив, дали здравствената состојба дозволува да се имунизираат.

 

Елена Георгиевска