Штип

Неподвижните и тешко болните ќе може да се вакцинираат дома

31.03.2021 15:58

Тешко подвижните и лицата во постела кои сакаат да се вакцинираат треба да се пријават кај своите матични лекари, од каде ќе добијат потврда со која ќе може да бидат вакцинирани во домашни услови. Да не се злоупотребува ова право, апелираат од Здравствен дом Штип, каде денес почна имунизацијата за највозрасните граѓани...

Во Здравствениот дом „Панче Караѓозов“ во Штип утринава започна имунизацијата со вакцини на „Астра Зенека“. 400 вакцини треба да се аплицираат во наредните десет работни дена. Доколку се создадат услови за масовна вакцинација, подготвени сме да ја спроведеме, велат надлежните. За неподвижните и лицата во постела има протокол за имунизација во домашни услови.

Слично како и вакцинирањето од сезонски грип, подготвени сме да им помогнеме да се имунизираат нашите пациенти кои се во постела и за кои имаме барања за имунизација, велат матичните лекари.

На вакциналниот пункт во Штип денес само еден пациент од закажаните не се појавил по препорака од лекар. Највозрасниот штипјанец кој денес се вакцинираше има 91 година.

Штип е единствениот град од источниот регион, каде почна вакцинацијата. Во петок стартува имунизацијата во Кочани, Делчево и Македонска Каменица.


Славица Величковска