Фајзер почна со испитување на вакцините кај деца
Вакцината на „Фајзер“ и „Бионтек“ за првпат ќе се испитува на деца под 12 години во САД. Со вбризгување на дозата кај 9-годишни близначки официјално почна првата фаза од клиничкото испитување. Во студијата се вклучени вкупно 12 деца. Во меѓуврме, околу 15 милиони дози на вакцината на „Џонсон и Џонсон“ се уништени поради фабричка грешка. Употребата на „Астра Зенека“ останува ограничена. Земјите го чекаат финалниот извештај на Eвропската агенција за лекови...

За прв пат во САД, почнува клиничко испитување на вакцината „Фајзер“ и „Бионтек“ на деца под 12 години. Во американскиот институт „Дјук Хелт“ беа имунизирани 9-годишни близначки со првата доза. Нивната мајка е задоволна од вакцинацијата.
-Многу сме возбудени од можноста нашите деца да бидат имунизирани и да придонесат во студијата и нејзината безбедност, и со тоа, вакцината побрзо да ја добијат и другите деца, изјави Сузана Наги, мајка на имунизираните близначки.
Во првата фаза на студијата се запишани вкупно 12 деца.
„Важноста на безбедно вакцинирање на деца против Ковид-19 е двојна“- истакна главниот истражувач на студијата, Емануел Валтер. Според него, морталитетот кај децата во изминатата година од Ковид-19 е многу поголем во однос на вообичаената сезона на грип. Можноста да се вакцинираат е важна компонента и во развој на колективниот имунитет, додава Сузана.
-Како родители, примарна работа ни е да ги чуваме нашите деца безбедни. Медицинар сум и ги разбирам предизвиците, многу сум сигурна во безбедноста на ова и затоа би ги охрабрила сите родители барем да размислат и да поразговараат со своите деца, изјави Сузана Наги, мајка на имунизираните близначки.
Во меѓувреме, околу 15 милиони дози на вакцината на „Џонсон и Џонсон“ се уништени поради фабричка грешка. Фармацевтскиот гигант идентификувал серија дози во фабрика во Балтимор што не ги исполнувале стандардите за квалитет. Истовремено, европската агенција за лекови ја продолжува истрагата на 62 случаи на згрутчување на крвта по примена вакцина на „Астра Зенека“ поради што неколку земји веќе ја ограничија нејзината употреба.
Бојана Крстевски
