Закажана собраниска седница за одложување на пописот и за Изборниот законик
Во Собранието нов обид на партиите за договор за одложување на статистичката операција и за измени во Изборниот законик...

За 13 часот закажана седницата на која на дневен ред ќе биде одложувањето на пописот и измените на Изборниот законик. Очекувањата за одржување седница ги потврди и министерот за правда Бојан Маричиќ, кој објасни дека иако е 1 април, пописот денеска не е започнат, и законот не се крши.
Одложувањето на пописот за септември и измените на Изборниот законик се поднесени по средбата на премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Против одложување на пописот се Алијанса на Албанците и Алтернатива, чиј став не се промени иако вчера во текот денот се одржуваше неколкучасовна координација во Собранието.
Одложувањето на пописот би можело да се случи за три дена, односно по завршување на сите процедури во Собранието, доколку Алијанса и Алтернатива поднесат амандмани на Законот за попис.
По утврдувањето на дневниот ред на 38. седница се утврдува потребата за носење на законите по скратена постапка, а потоа се проследуваат на матичните комисии и на Законодавно-правната комисија. Бидејќи измените на Законот за попис се со европско знаменце и по скратена постапка, матична е Комисијата за европски прашања, а за евентуални амандмани се расправа само два дена. Потоа законот се враќа на пленарна седница за да биде донесен. Тоа во овој случај би било во сабота.
Измените на Изборниот законик предвидуваат употреба на фингерпринт на локалните избори и нивно одложување за втората половина на октомври, поради одложувањето на пописот за септември.
