Величествениот зелен скапоцен камен- смарагдот е симбол на среќа, богатство и духовност

01.04.2021 13:41

Смарагдот е еден од најскапоцените и најпопуларните камења на планетава. Многу е ценет низ вековите, а и денес е еден од најпосакуваните парчиња накит. Често ги красел градите на благородници, кралеви, кралици, а во денешницава, на славните дами.

Смарагдот е вид минерал со висока природна чистота заради големата присутност на хром во хемискиот состав. Тој не е толку привлечен во природен облик, но кога е обработен со правилен рез, е исклучително заводлив и отмен. Има повеќе нијанси на зелена боја, за кои е заслужен ванадиумот, кој создава чудесни нијанси и сјај на смарагдот. Затоа смарагдот има почесно место во светот на луксузниот накит.

Каменот има различни тонови од синозелена до жолтозелена,а најпрестижен е оној со јасно темно зелена. Што почист, тоа подрагоцен, затоа постојат древни начини за интензивирање на бојата, како на пример загревањето.

Зелената боја е симбол на смиреност и спокој, па затоа отсекогаш бил симбол на духовност и љубезност. Луѓето сметале дека носи среќа, штити од зло, па го величеле како божествен камен и симбол за невиност и богатство.

Според легендите, рудниците на Клеопатра биле испреплетени со злато и смарагди и секогаш ги чувале духовни луѓе кои комуницирале со душите на мртвите и само тие имале привилегија да го извлечат од лежиштето.

Денес од смарагд се изработуваат раскошни гердани, обетки и прстени. На пример Кејт Мидлтон од британското кралско семејство има еден од најлуксузните примероци на накит со смарагд и дијаманти,бидејќи таа ја сака зелената боја.

Најпопуларните парчиња смарагд се од Замбија, потоа од Бразил и Колумбија. но за највреден го сметаат оној од Афганистан. Го има и во Русија и Индија.

Во историјата на овој камен се вбројува и величествената тијара направена за принцезата Катерина Хенкел вон Донесмарк, вредна 80 милиони долари. Меѓу специјалните креации е Картие нараквицата која што кралот Едвард и ја подарил на Волис Симпсон, комбинирана со црни и бели дијаманти, смарагди, рубини и сафири, а смарагдот има централно место на веренечкиот прстен. Во поново време позната актерка Анџелина Џоли носеше смарагдни обетки од 115 карати, дизајнирани од Лорен Шварц, кои што вредат 17 милиони долари

И денес на вереничките прстени често се среќава смарагдот кому не му минува модата поради високиот квалитет, бојата и вредноста, но и поради тоа што симболизира духовност и позитивен карактер.

Соња Стојановска