Битола

Социјална инклузија во битолскиот студентски дом „Кочо Рацин“

01.04.2021 14:18

Битолскиот студентски дом „Кочо Рацин“ е првиот во земјава кој создаде услови за сместување и психосоцијална поддршка на студенти со попреченост. Проектот е имплементиран од Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион, а финансиски поддржан од Министерството за локална самоуправа и Швајцарската агенција за развој и соработка.

Студентските домови стануваат достапни за студентите со попреченост. Државниот студентски дом Кочо Рацин од Битола е првиот кој го промовира новиот центар за сместување и психосоцијална поддршка на лица од ранливи категории. Проектот вреден околу шест милиони денари финансиски беше поддржан од Министерството за локална самоуправа и Швајцарската агенција за развој и соработка.

Привилегијата ја почувствуваа 15 вакви студенти кои на располагање ќе имаат шест спални соби, читална, кујна, но и место за надоградба.

Од големо значење беше и поддршката од ресорното министерство. Министерката Царовска вели, ова е убав пример кој ќе го следиме и преку неодамна донесените владини одлуки.

Ова е само уште еден пример дека преку издржани и добро осмислени проекти на планските региони, може да се дојде до средствата од европските фондови.

Стевче Митревски