Братислава

Словачка доби нов премиер

01.04.2021 15:19

Претседателката Зузана Чапутова го именува Едуард Хегер за нов премиер на земјата. Хегер ќе ја преземе функцијата од неговиот претходник Игор Матовиќ, кој пак ќе ја преземе поранешната функција на Хегер, односно министер за финансии...

Крај на едномесечната политичка криза во Словачка. Претседателката Зузана Чапутова го именува Едуард Хегер за нов премиер на земјата. Хегер ќе ја преземе функцијата од неговиот претходник Игор Матовиќ, кој пак ќе ја преземе поранешната функција на Хегер, односно министер за финансии.

Целта на размената на функциите е да се ублажат коалициските спорови околу ненадејното купување на руската вакцина „Спутник В“ од страна на Матовиќ во март, без консултации со коалициските партнери.

„Го почитувам политичкиот договор меѓу четирите владини партии и ве именував на функцијата министер на новата Влада. Фактот што успеавте да постигнете договор по четири недели преговори е само почеток на патувањето. Вистинското исполнување на успехот на вашиот договор ќе биде доколку оваа Влада продолжи да презема чекори за помош на земјата и нејзините граѓани“, изјави Зузана Чапутова, претседателка на Словачка.

„Верувам дека она што ќе нè обедини е одговорноста кон граѓаните на република Словачка и нивната доверба, која тие ни ја дадоа пред една година. Научивме многу од грешките. Верувам дека ќе бидеме стабилни и доверливи и верувам дека ќе има кохезија и единство меѓу нас затоа што прочистувањето и обновување на Словачка продолжува. Луѓето очекуваат дела и резултати од нас. Имаме многу пред нас, ајде да работиме“, изјави Едуард Хегер, новоименуван премиер на Словачка.

Матовиќ поднесе оставка во вторникот, а сите четири партии во владејачката коалиција се согласија да го поддржат новиот кабинет на чело со Хегер. И двајцата се членови на најсилната партија во коалицијата, Олано.

Словачка доби 200.000 дози од „Спутник В“, но вакцинацијата не е почната додека не се тестира пратката.

 

Марина Ристова