Имунизација

Србија донираше 20.000 вакцини од „Спутник“, се очекуваат уште дополнителни 20.000

01.04.2021 15:26

Во земјава пристигнаа 20 илјади дози „Спутник“, нова донација од Србија. Дополнително треба да пристигнат уште 20.000. Србија претходно ни донираше и 8.000 вакцини од „Фајзер“, со кои се вакцинираше медицинскиот персонал. Со донацијата ќе се овозможи континуитет во имунизацијата додека да пристигнат вакцините што земјава ги има нарачано, посочија премиерот Заев и министерот Филипче...

Во земјава пристигнаа нови 20.000 дози од вакцината „Спутник“, донација од Србија. Уште 20.000 дози ќе пристигнат дополнително и ќе бидат наменети за ревакцинација. Со ова започнатиот процес на вакцинација во земјава ќе продолжи без застој, изјавија премиерот Заев и министерот Филипче. Шефот на Владата изрази благодарност за донацијата од пријателска Србија, којашто доаѓа во критично време додека се чекаат нарачаните вакцини преку Ковакс системот, ЕУ и директно од производителите.

Министерот за здравство Филипче најави дека со преостаните 5.000 вакцини „АстраЗенека“ и со вакцините „Спутник В“ ќе почне вакцинација и на лицата под 77 години. Според него, имунизацијата се одвива добро, а подготвени се пунктови и за помасовна вакцинација на граѓаните.

Заев апелираше до сите граѓани да се пријават за вакцинација за што побрзо отворање на државата и враќање на нормалниот живот. Рече дека и тој и другите министри ќе чекаат да им дојде редот за вакцина, согласно планот за имунизација на населението. Негираше дека некои владини функционери се вакцинирале преку ред.

 

Ирина Гелевска