Политика

Седница за одложување на пописот

01.04.2021 16:35

Во Собранието пленарка за измени на Законот за попис и за Изборниот законик по скратена постапка. Иако пописот формално стартуваше денеска, попишувачите не излегоа на терен...

95 гласови „за“ на власта и опозицијата за измени на Законот за попис по скратена постапка. Од Коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива против. И измените на Изборниот законик за одложување на локалните избори за втората половина на октомври, одат по скратена постапка

Пратениците изгласаа двата закони да се носат по скратена постапка. Законот за попис треба да овозможи  да се одложи пописот во септември, а се остава опоција да продолжи попишивањето на дијаспората која почна од први март да продолжи до крајот на септември.

Координаторот на Алијанса и Алтернатива, Скендер Реџепи, ги повика пратениците од ДУИ да не го поддржат законот за одложување на пописот бидејќи бил штетен за Албанците. Во ВМРО-ДПМНЕ  пак велат дека поради сложената епидемиолошка состојба со многу заразени  и смртни случаи и порано предлагале пописот да се одложи. Во ДУИ посочуваат дека тие се водат од своите визионерски политики, додека албанската опозиција е без компас.

Измените во Изборниот законик  треба да овозможат  на следните локални избори да се користи апарат за отисок од прст. СДСМ дава поддршка на измени за поефикасно спроведување на изборите.

Спикерот Талат Џафери рече дека не го интересираат политички договори туку дека се води од собраниска процедура. Вели- добро е што лидерите постигнале согласност за важни прашања.

Од Алијанса на Албанците и Алтернатива најавија ќе поднесат повеќе амандмани за да го спречат донесувањето на Законот за попис.

 

Игор Панов