Бројот на заболени од грип намален за 30,1%
Во периодот од 10-ти до 16- март пријавени се вкупно 1.749 новозаболени од грип, што е за 30,1% ...

Според последните податоци на Институтот за јавно здравје на Македонија, изминатата недела се намалил бројот на новозаболени од грип за 30,1%, во однос на претходната. Во периодот од 10-ти до 16- март пријавени се вкупно 1.749 новозаболени од грип.
Споредено од истиот период минатата година, се бележи намалување за 13,8 %, а во однос на просечниот број на заболени за оваа иста недела во изминатиот 10-годишен период, зголемувањето е за околу два пати.
Во сезоната 2013/2014, заклучно со 16-ти март, вкупниот број заболени од грип во државата изнесува 26.410. Споредено со истиот период од минатата година, постои зголемување на вкупниот број на пријавени случаи за 29,7 %, а во однос на просекот за 10-годишниот период зголемувањето изнесува 57,3 %.
Вкупниот број смртни случаи асоцирани со инфекција со вирусот на грип оваа сезона сега изнесува 11.
Податоците покажуваат дека во февруари пријавени се најголем број случаи со симптоми на грип - 54,5 % од вкупниот број на заболени во целата сезона. Во јануари регистрирани се 25,8 % од заболените.
