Субвенции за домашни раси на добиток
Сточарите кои одгледуваат домашни раси на добиток имаат право на дополнителни субвенции. Покрај говедата од расата Буша, финансиски се поддржуваат и овците од расата Праменка, домашната Балканска коза и домашниот Шарпланинец.
Со Програмата за поддршка на земјоделството и оваа година дополнителни субвенции од 2.000 денари следуваат за говедата од домашната расата Буша одгледувани до крајот на 2021 година. Стадото треба да има најмалку 5 глави добиток.
На дополнителни 550 денари сточарите имаат право и за овците од расата Праменка односно Овчеполка и Шарпланинска и козите од расата Балканска. Корисници на оваа мерка се земјоделски стопанства кои одгледуваат овци и кози и кои имаат стадо од најмалку 50 животни.
За домашната раса Каракачанска субвенцијата е 5.000 денари за најмалку 10 овци. Одгледувачите на говедата од расата Биволи можат да добијат 9.000 денари за секоја единка.
Одгледувачите на овци и кози имаат право и на по 3.000 денари за секој домашен Шарпланинец или овчарското куче Караман. Шарпланинците треба да имаат микрочип на денот на поднесувањето на барањето. Максималниот број е седум пријавени кучиња по земјоделско стопанство.
Субвенционирањето на овие автохтони раси кои не се со голема продуктивност е за да се намали ризикот од нивното исчезнување од селата и од пасишта во државава.
Методија Трајков
