Собрание

Измените на Законот за попис денеска пред Законодавно-правната комисија

02.04.2021 09:06

Пратениците вчера ја изгласаа потребата од донесување на Предлог- закон за изменување и дополнување на Законот за попис на населението, домаќинствата и становите во Република Севрна Македонија, 2021 година по скратена постапка, поднесен од Владата...

Собранието ја почна постапката за одложување на пописот, што би се одржал од 5-ти до 30-ти септември. Пратениците вчера ја изгласаа потребата од донесување на Предлог- закон за изменување и дополнување на Законот за попис на населението, домаќинствата и становите во Република Севрна Македонија, 2021 година по скратена постапка, поднесен од Владата.  Измените на Законот за попис добија поддршка во Комисијата за европски прашања, а денеска претпладне се пред Законодавно-правната комисија.

Претседателот на Собранието Талат Џафери информира дека според Деловникот измените на Законот за попис треба да бидат разгледани на матичните комисии, за европски прашања и за политички систем и односи меѓу заедниците и на Законодавно-правната комисија. Откако ќе има извештај дека комисиите завршиле со работа, согласно времето и роковите, пратениците ќе бидат известени за продолжувањето на 38. седница, на чиј дневен ред се одложување на пописот и измена на Изборниот законик, со кој се предвидува употреба на терминали за отчитување на отисок од прсти на локалните избори, што исто така ќе бидат одложени за втората половина на октомври.

Одложувањето на пописот од април за септември беше договорено на лидерската средба меѓу премиерот Зоран Заев и претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Коалицијата на Алијанса на Албанците и Алтернатива останува на ставот дека не треба да има одложување на пописот.