Куманово: Бројката на заболени расте, граѓаните донираат плазма
Кумановци кои го одлежале вирусот сакаат да помогнат со дарување крвна плазма, за лицата кои што се борат со невидливиот непријател. Од Институтот за трансфузиона медицина информираат дека 80 пациенти веќе донирале плазма. Куманово деновиве е меѓу градовите со најголем број регистрирани новозаболени. Речиси се исполнети капацитетите во ковид центри, но и модуларната болница. Повозрасните со апел, младите да се придржуваат до мерките...

Оздравените од коронавирус од Куманово се заинтересирани за дарување крвна плазма. Досега над 80 пациенти донирале плазма, со надеж дека ќе им ја олесни борбата на критично заболените. Од Службата за трансфузиологија информираат дека бројката можеби е и поголема, бидејќи во Куманово не се врши дарувањето, туку се земаат епрувети, а постапката продолжува во Скопје.
„Сите добронамерници кои сакаат да помогнат, кои го поминале најстрашното, да им отсуствува кислород најелементарното за живот, тие што ја знаат тежината на болеста, голем дел доаѓаат да помогнат“, истакна Дритон Билали, доктор Институт за трансфузиона медицина Куманово.
Крвната плазма може да донираат лица кои оздравеле од коронавирусот, и кои имаат доволно антитела. Инаку Куманово деновиве е меѓу градовите со најголем број регистирани новозаболени од ковид 19. Речиси се исполнети капацитетите во ковид центри, но и модуларната болница. Општата болница побара дополнителен медицински персонал, бидејќи во Куманово се лекуваат и пациенти од Липково, Старо Нагоричане, Кратово, Крива Паланка и Ранковце. Кумановци велат се придржуваат до мерките, но апелираат младите повеќе да внимаваат.
„Ние сме постари луѓе и ако излегуваме, излегуваме многу поретко. Се пријавив но уште немаме 77 години и ќе чекам следната тура“, вели една кумановка.
„Држање дистанца, носење маска, миење на раце се е тоа присутно, за да можеме да се заштитиме самите, но и сите околу нас. Чекам повик но со годините зависи јас сум на 67 години“, дополнува друга кумановка.
„Младите не се придржуваат воопшто, седат во кафулиња“, додава граѓанин.
„Младите не се придржуваат доволно, седат без маски, ќе се вакцинирам, не не примаат уште немаме 60 години“, истакна друга кумановка.
Во Куманово согласно последната стастистика бројката на активни случаи е 927.
Елена Геогиевска
