Охрид

Нема доволно квалитетна вода за вештачки мрест на Охридската пастрмка

02.04.2021 13:28

Поради недоволна издашност на Билјанините извори од каде што се снабдуваат инсталациите за вештачки мрест на Охридска пастрмка во Хидробиолошкиот завод, од научната институција бараат да се обезбеди алтернативен начин за снабдување со вода од езерото. Дополнителен проблем со досегашниот начин на обезбедување на вода е тоа што изворишето се загадува од септичките јами на објектите што се над Хидробиолошкиот завод...

Веќе неколку години нема доволно квалитетна изворска вода која што е потребна за одгледување на рибниот подмладок на охридска пастрмка во Хидробиолошкиот Завод. Издашноста на Билјанините извори од каде што се снабдува мрестилиштето е намалена, а уште поголем проблем се изградените објекти над инсталациите од чии септички јами се загадува извиштето.

„Рипчињата добиваа егзостални односно отеченост на очите поради присуството на одредени агенси во водата, понатаму морталитет за да во последните неколку години иако немавме подмладок , не користевме големи количини како што ни требаат рибите кои што надвор ги чувавме како огледни и кај нив ни се случуваше смртност“, изјави Зоран Спирковски-Хидробиолошки Завод- Охрид.

За да се надмине овој проблем институцијата бара од надлежните да се обезбеди алтернативен начин за снабдување на инсталациите со езерска вода.

„Имаме прелиминарна пресметка дека тоа би било во износ од 150 до 170.000 евра. Но за тоа сеуште немаме добиено никаков одговор. Сметаме дека средствата што се наменуваат секоја година за порибување на Охридското Езеро во износ од 100.000 евра да се пренаменат токму за оваа намена за да може понатака да се реализира процесот“, вели Спирковски.

Во изминатите три години не се одвиваше вештачкиот мрест и логично е дел од тие средства да се пренаменат. На тој начин ќе се даде голем придонес во битката за зачувување на рибниот фонд на пастрмката која веќе неколку децении немилосрдно се уништува.

 

Сашо Нелоски