Ковид-19

Сѐ додека нема лек, имунизацијата е единствениот начин за заштита

02.04.2021 14:56

Сѐ додека нема лек, имунизацијата е единствениот начин за заштита и враќање на животот како пред пандемијата- велат лекарите. Уверуваат дека вакцините се безбедни за сите категории граѓани, вклучувајки ја и „АстраЗенека“ од која несакани реакции се јавуваат само во исклучително ретки ситуации...

Вакцината е најмоќното оружје во борбата против коронавирусот, нејзината ефикасност е 90 проценти и спречува тешка форма на болеста. Додека нема лек, ова е единствениот начин да го вратиме животот од пред пандемијата. Лекарите ги повикуваат граѓаните на масовна имунизација. Тврдат дека вакцината е безбедна за сите категории.

Почна и теренската вакцинација. Се имунизираат луѓето во старските домови. Засега вакцината на „АстраЗенека“ во земјава се аплицира само кај луѓето над 60 години. Помладите кои оваа вакцина ја примиле во соседството да не стравуваат, вели професорката Грозданова. Таа тврди дека „АстраЗенека“ е една од најбезбедните вакцини, несаканите реакции се јавуваат во искучително ретки случаи.

Граѓаните кои ќе се имунизираат и натаму ќе мора да ги почитуваат препораките за заштита од коронавирусот. Според лекарите, сѐ поизвесно е дека и оваа година нема да се избориме со глобалната епидемија.

 

Андријана Атанасовска