Разлики за методологијата на пописот меѓу власта и опозицијата
Го попишуваме целиот народ, без разлика дали живее дома или е надвор, вели премиерот Заев, по изјавата на ВМРО- ДПМНЕ дека нема да признае попис што не е во согласност со методологијата на Еуростат. Според лидерот Мицкоски, статистичката база е само за резидентно население и дијаспората може само да се евидентира...

Пописот да не се третира од политички причини. Тој се прави и за резидентното население и за дијаспората, зашто и во земјава и надвор од неа, тоа е наш народ, е ставот на премиерот Заев за најголемата статистичка оперција. Од 5-ти до 30-ти септември ќе може да си се попишат сите наши сонародници, државјани, независно дали живеат во земјава или во друга земја, додава Заев.
„Не е во ред да ни треба дијаспората кога треба да гласа, а да не ни треба кога ни дава пари, кога треба да ја попишеме, кога помага на домаќинствата. Дијаспората е нашиот народ. Денеска е надвор, утре ќе е тука. Може некој од нас утре ќе е надвор, а дијаспората ќе е тука. Тоа е нашиот народ“, изјави премиерот Заев.
Ставот на премиерот Заев е спротивен на оној на лидерот на опозицијата, Мицкоцки кој во телевизиско гостување посочи дека ВМРО-ДПМНЕ нема да ги признае резултатите од пописот доколку тој не се спроведе согласно методологијата на Еуростат. Според него, таа опфаќа попис само на резидентно население, односно оние на кои 12 месеци наназад живеалиштето им било во земјава и не го одјавиле.
Статистичка база е резидентното население и не може, смета Мицкоски, да се попишуваат оние кои се пријавени во други држави. Дијаспората може само да се евидентира, рече Мицкоски.
„Населението кое е пријавено во друга држава е попишано во тие држави. Не можеме тоа население да го попишуваме 13 пати, се знае кое население се попишува“, вели Мицкоски.
После оваа изјава на Мицкоски, реагираа Артан Груби, Изет Меџити, Арјанит Хоџа кои се само дел од политичарите од албанскиот блок, демантирајќи дека попишаните во дијаспората биле само евиденција.
Власта и опозицијата после тет-а- тет средбата на Заев и Мицкоски договорија одложување на пописот кој требаше да стартува од 1-ви април.
Фиљана Кока
