Болниците полни, пикот допрва доаѓа
Бројот на активни случаи на Ковид-19 во земјата е поголем од вакцинираните. Според епидемиолозите, пикот се очекува за две недели. Во арената „Борис Трајковски“ утре стартува имунизацијата со руската „Спутник В“. Продолжува и боцкањето со „АстраЗенека“ само за лица над 60 години...

Во ковид центрите од коронавирусот се лекуваат над 1.720 пациенти. Бројот на активни случаи е над 20.500. Половината од нив се во Скопје, а од почетокот на пандемијата починаа 3.860 лица.
Изминатото деноноќие само во скопските ковид центри биле хоспитализирани над 100 пациенти. Многу од нив имаат тешка клиничка слика. За епидемиолозите ваквата слика не е изненадување, а бројот на нови случаи и хоспитализирани пациенти со Ковид-19, но и зголемената стапка на смртност, можеше да се очекува. Прогнозираат дека пикот се очекува за две недели, со над 60 смртни случаи на ден.
Од утре стартува масовната имунизација
Бројот на активни случаи на ковид-19 во земјата е поголем од бројот на вакцинирани, но здравствените власти најавуваат дека бројот на лица кои ќе бидат заштитени ќе се зголеми со стартот на масовната имунизација во арената „Борис Трајковски“.
Од утре почнува вакцинацијата со „Спутник В“. Од здравство велат дека за почеток ќе бидат вакцинирани околу 4.000 луѓе дневно ширум државата, а очекуваат дека таа бројка за кратко време ќе достигне и 7.000.
