Пандемијата ги намали пожарите во Битола

04.04.2021 14:02

Првата пандемиска зима за близу 30 насто ги намали урбаните пожари во Битола. Од Противпожарната единица велат дека дури 70 проценти од интервенциите биле за запалени оџаци. Според граѓаните, причината е невниманието, но и тоа што последниве години во печките се става сѐ и сешто...

Полека зад нас ја оставаме првата пандемиска зима. Можеби звучи комично кога ќе се рече дека во најголемото зло на денешницата има и некои добри показатели, но е вистинито- пожарите во првото тромесечие во битолската урбана средина во однос на истиот период од лани се намалени за близу 30 отсто.

Разлика која е резултат на наметнатиот подолг престој во станбените објекти. Зимава речиси и да немало повици за последици од заборавени приклучени грејни тела. Во мал процент причинители биле преоптоварени електрични броила или дотраена инсталација, а дури близу 80 проценти од интервенциите биле за запалени оџаци. Граѓаните велат, секоја последица има своја причина.

Од Противпожарната единица велат, следниот период ќе следат подготовки за она што нѐ чека на отворен простор. Посакуваат интервенциите да бидат мали како минатото лето, но не како причина на ограничено движење, тука кака резултат на зголемена свест и ефикасен начин на справување со пироманите.

Стевче Митревски