Парламентарни избори во Бугарија
Бугарија го избира 45-от парламент. Избори во услови на пандемија, а за прв пат се користат и машини за гласање. За 240 места се борат 6.895 кандидати од 30 партии и коалиции. Анкетите и предвидувањата се дека владејачката Герб на премиерот Борисов и во новиот состав ќе биде најбројната партија во Парламентот...

Парламентарни избори во Бугарија, први во услови на пандемија. Во трката за 240 места во 45-тиот по бугарски парламент се натпреваруваат 6.895 кандидати, од 30 партии и коалиции. За првпат граѓаните правото го искористија и со машински апарати. Оддели за гласање има и во одделенијата на ковид- болници.
„Имало проблеми со околу 10 машини при инсталирањето, истите беа навремено отстранети. Добиваме ажурирани информации од регионите во врска со отворањето на избирачките места. Како што е познато, имавме некои потешкотии во испораката на машините од регионалните центри, но во доцните часови сите машини беа сместени и лоцирани во соодветните општини“, изјави Тања Цанева, портпарол на Централната изборна комисија.
Премиерот Борисов по гласањето во една банка, изјави дека ова се најскапите избори до сега. Медиумите не беа информирани каде ќе го оствари своето право на глас.
„Го минуваме третиот бран. Имаме половина милион вакцинирани. За една недела ќе бидеме во многу подобра форма, благодарение на сите што беа вклучени во изборите, заврши многу работа. Не ја направив точната пресметка, но потрошени се речиси 50 милиони за вакцини, уште 50 милиони за машинско гласање, има меѓу 9.600-10.000 машини. Луѓето можат да гласаат на нив, така што изборите ќе бидат фер и транспарентни, но тоа чини многу пари, изборите ќе чинат над 150 милиони“, рече Борисов.
Борисов повторно го критикуваше претседателот Радев дека изборите можеле да се закажат една недела подоцна за да се видат резултатите во справувањето со пандемијата со ковид-19 во земјата. Според Радев, пак, изборите требало да се одржат многу порано, уште минатата година.
„Ајде сите да гласаме за да имаме претставник и достоинствен парламент. Би сакал да им честитам на сите членови на комисиите, застапниците, набудувачите што се тука, дури и во оваа тешка ситуација“, рече Радев.
За лидерката на Бугарската социјалистичка партија ова е решавачки момент за земјата.
„Ве молам гласајте и не дозволувајте му никому да ви ја одредува иднината и иднината на вашите деца“, изјави Корнелија Нинова, лидер на Бугарската социјалистичка партија.
Според анкетите, владејачката партија на премиерот Борисов – Герб е на врвот со околу 23 проценти од гласовите. Тоа би било пад од 10 проценти во споредба со последните избори во 2017-та. Тоа ќе ја принуди партијата да формира коалиција со различни партии со цел да постигне мнозинство.
Марина Ристова
