Бесими на Пролетните состаноци со ММФ и СБ ќе го презентира Планот за финансирање на забрзан раст

04.04.2021 14:22

Во рамки на состаноците, министерот за финансии на меѓународните финансиски институции ќе им ги презентира економските мерки за справување со Ковид и нивниот импакт врз економијата, како и Планот за финансирање на забрзан раст...

Министерот за финансии Фатмир Бесими, во текот на претстојната недела, ќе учествува на Пролетните состаноци на Светската банка и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), кои годинава се одржуваат онлајн.

Во рамки на состаноците, министерот за финансии на меѓународните финансиски институции ќе им ги презентира економските мерки за справување со Ковид и нивниот импакт врз економијата, како и Планот за финансирање на забрзан раст, нов стратешки документ кој има за цел преку изнаоѓање нови механизми и извори на финансирање да го поттикне економскиот раст, а воедно да влијае на фискалната консолидација, односно стеснување на дефицитот и стабилизирање на јавниот долг.

Исто така, ќе се разгледа тековната соработка и проектните портфолија со меѓународните финансиски институции, напредокот и очекувањата за идниот период.

Пролетните состаноци со ММФ и Светската банка се еден од клучните финансиски настани во текот на годината и се наменети за координација помеѓу финансиските власти, меѓународните финансиски институции, приватниот и невладиниот сектор од целиот свет  и дискусија за предизвиците и идните политики за глобалните и локалните економски цели и развој.

Нашата делегација, предводена од министерот за финансии Фатмир Бесими и гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска, во текот на следната недела ќе оствари повеќе состаноци, меѓу кои и со потпретседателката на Светска банка за Европа и Централна Азија Ана Бјерде, директорот на ММФ за Европа Алфред Камер, директорот на конституенцата предводена од Кралството Холандија Кун Дејвидсе, извршниот директор на ММФ Пол Хилберс и други високи функционери на Светска банка и ММФ.